Прашање на денот: колку камили има во Австралија? 

Како во онаа рубрика „Верувале или не“, Австралија го има најголемото стадо диви камили во светот. На властите им е преку глава од нив и ги имаат прогласено за штетници. Ама како воопшто дошле на овој континент?

Годината е 1606. Европа до тој момент се има воспоставено како лидер во „добата на откритија“. Во тек се долги прекуморски експедиции за „откривање“ на непосетени земји. Индија е веќе откриена преку поморски пат, исто така и Африка, Северна и Јужна Америка. Но во таа година, на 26 февруари, на копното на Австралија стапнува холандскиот истражувач Вилем Џансзун (Willem Janszoon) и со тоа станува првиот Европеец кој пристигнал на континентот.

При својата прва посета, тој не ни останал многу-многу во Австралија, која тогаш била многу ретко населена од домородните Абориџини. Но и да останел, едно нешто сигурно немало да го види - камилите. 

Напред до 2020-тите, Австралија го има најголемото стадо диви камили на светот, со околу 3 милиони примероци населени на 37% од австралиското копно. Властите ги имаат прогласено за штетници и ги третираат како туѓ, инвазивен вид, чие ширење мора да биде запрено.

Најшироко користениот метод е требењето од воздух, при кое диви камили се убивани со снајпер од хелихоптери. Од 2012-та, на ваков начин биле убивани околу 75.000 камили секоја година.

Секако, ова наидува на големи критики од страна на активистите за права на животни. Други се држат до тоа дека повеќе од два века откако Џансзун се зактовил на брегот на Австралија тука камили немало, па оттаму и дека не треба да ги има. Дури во раниот 19 век, кога Британците сакале да го истражат континентот, а нивните коњи се покажале како бескорисни за оваа потреба, колонијалните власти на Нов Јужен Велс ја зеле предвид можноста за внес на камили од Индија.

Во октомври 1840 првата камила стапнала на австралиска почва, но не од Индија. Тоа било едногрбиот вид Camelus dromedarius, поточно 46 од нив, кои биле увезени од Канарските острови. Сепак, само една, по име Хари, го преживеала долгото поморско патување.

И сиротиот Хари не завршил добро - бил убиен откако случајно предизвикал повреда на господарот во тек на експедиција, после што овој умрел. Но увозот продолжил, со внес на парови камили, кои се покажале одлични за транспорт и патувања. Група камили впрегнати заедно (фото горе) правеле „камилски воз“ и можеле да пренесат цели куќи. Нивната улога станала толку голема што до 1907, Британците увезле речиси 20.000, најмногу од Индија, Авганистан и арапскиот свет. Со нив доаѓале и „шофери“, главно муслимани. Во текот на следните децении, тие одиграле голема улога во развојот на Австралија и се интегрирале со абориџинските заедници преку трговија и носење стоки како чај и тутун. 

Нештата се промениле кога станале популарни моторизираните возила. Сега неинтересни за човекот, камилите се отиснале во дивина и почнале рапидно да се множат. Наскоро, австралиската влада морала да донесе Национален план за отарасување од дивите камили. Жално за вид кој до скоро им вршел голема работа. Од друга страна, домородното население се буни бидејќи камилите ја пијат и онака тешко достапната вода која е потребна за нивната стока. И не само тоа, ја оштетуваат вегетацијата а знаат да уништат и значајни културни локации. 

Еден од начините да се реши проблемот е да се произведува месо и тие да се одгледуваат на фарми. Властите сметаат дека 5000 камили годишно се убиваат за оваа цел. Други интервенции вклучуваат припитомување и користење на производи како млеко и влакна од камила, како и отворање тематски паркови за туристи.

извор

16 август 2024 - 09:21