Во официјалната биографија на Јул Бринер стои дека тој е руски, француски, швајцарски и американски актер, пејач и режисер. Најпознат е по својата улога на кралот Монгкут во мјузиклот „Кралот и јас“ за која има добиено две награди Тони, а подоцна и Оскар за најдобар актер за филмската адаптација. На театарската сцена ја изведувал цели 4.625 пати, па бидејќи за сето тоа време требало да ја бричи главата, тоа му останало препознатлив знак.
Тој се смета за еден од првите руско-американски актери, а ова се должи на неговото потекло. Се родил како Јулиј Борисович Бринер, во 1920 во Владивосток. Неговото родовско стебло било прилично измешано што се однесува до етничката припадност. Имало тука и Швајцарци, и Руси и Бурјати (Монголи) и, како што самиот тврдел, Роми. Неговата постара сестра била класично образована сопранистка, која пеела во Њујоршката опера.
Бринер уживал да раскажува приказни и притоа по малку и да претерува што се однесува до своето потекло. Тврдел дека се родил како Таиџе Кан од татко Монголец и мајка Ромка на рускиот остров Сахалин. Всушност, татко му бил рударски инженер и изумител со швајцарско-германско и руско потекло. Дедото на актерот по кого го добил името, бил Швајцарец кој се преселил во Владивосток во 1870-тите и таму воспоставил успешна увозно-извозна компанија. Баба му, Наталија Јосифовна Куркутова, била од Иркутск, но имала и бурјатско потекло. Мајката на Бринер, Марусија Димитриевна, била важно име помеѓу руската интелигенција, студирала актерство и пеење, а наводно во себе имала и нешто ромско. Бринер целиот свој живот чувствувал голема блискост со Ромите и во 1977 бил именуван за почесен претседател на Меѓународниот сојуз на Роми, титула со која се гордеел до смртта.
Таткото во еден момент се заљубува во актерка од Московскиот театар и го напушта семејството. Мајката на Јул ги зема него и постарата сестра и ги носи во Харбин, Кина. Во 1932 поради стравот од војна помеѓу Кина и Јапонија, се селат во Париз. Бринер тогаш настапува со својата гитара по руски ноќни клубови, додека сестра му пее руски и ромски песни. Се обучувал за акробат на трапез и пет години работел во циркус, но почнал да се занимава со актерство откако си го повредил р’бетот при скок.
Во 1940, тој и мајка му емигрираат во САД, и се придружуваат на сестрата која заминала претходно. Во текот на Втората светска војна Бринер работи како спикер и коментатор за американското Биро за воени информации, емитувајќи програма во окупирана Франција. Истовремено студира глума со руски професор, Михаил Чехов.
Почнува да добива најпрвин мали улоги, до моментот кога станува познат по својата улога во мјузиклот „Кралот и јас“. Следуваат „Десетте заповеди“ на Сесил Б. де Мил во којшто глуми со Чарлтон Хестон; „Анастасија“ со Ингрид Бергман; „Седуммината величенствени“, американска верзија на „Седумте самураи“ на Куросава. Последниов не бил добро прифатен во САД, но затоа одлично поминал во Европа и во СССР, каде биле продадени 67 милиони билети.
Во поранешна Југославија го памтеа по улогата во „Битката на Неретва“ од 1969 на Вељко Булаиќ, најскапиот филм направен во тоа време, номиниран за Оскар за најдобар странски филм, чиј постер го направил Пабло Пикасо (за пакет најдобро југословенско вино).
Починал во Њујорк на возраст од 65 години од рак, по очигледно бурен живот, во кој место имало и за неговите четири сопруги и пет деца, од кои две посвоени. Меѓу другото, имал и долга врска со Марлен Дитрих, 19 години постара од него. Бил и одличен фотограф и автор на неколку книги, меѓу кои „Бринер готвач: храна соодветна за кралот и за тебе“.