Јавната доверба во научниците е од огромно значење за донесување лични одлуки, но и за изготвување на такви државни политики кои би се справиле со најголемите локални или глобални закани.
Во анкета која опфатила 71.922 испитаници од 68 земји, глобален тим составен од 241 истражувач заклучиле дека повеќето луѓе, без оглед на културниот и социјалниот контекст, имаат релативно висока доверба во научниците.
Студијата, чии резултати се објавени во нов број на списанието Nature Human Behaviour од 20 јануари, ги зема предвид следиве прашања: Колку луѓе во светот имаат доверба во научници и дали и како нивоата на доверба варираат во различни земји? Како демографијата, идеолошките и други фактори се поврзани со довербата во научниците? Кои се нормативните перцепции за научниците во општеството (што се очекува тие да прават односно да не прават во одредени контексти)? Кои прашања луѓето сакаат да им бидат приоритет на научниците и дали оваа нивно очекување е исполнето?
Сосема на место, студијата не имплицира однапред дека треба или мора да се има безусловна доверба во науката и научниците. На пример, контроверзната историска врска на науката со расизмот или неетичкото експериментирање врз припадници на маргинализирани групи се земаат предвид како оправдани извори на недоверба. Кон ова придонесуваат и кризата на репродуцибилност (можноста да се повтори истото истражување, за да се види дали би дало исти или различни резултати), како и јазот помеѓу „обичните луѓе“ и тн. здрав разум на една и академските елити и научната експертиза на друга страна.
Како варијабили кои би довеле до одговор на гореспомнатите прашања, тимот составил скала од 12 елементи кои ги мерат четирите димензии на доверба: компетенција, добронамерност, интегритет и отвореност. Бидејќи јавноста не може секогаш да има реален увид во првиот елемент, под „компетенција“ се подразбира некакво чувство односно перцепција за истото.
На светско ниво, според студијата повеќето луѓе имаат релативно висока доверба во научниците (во просек 3,62 на скала од 1 - многу ниско до 5 - многу високо). Глобално, се смета дека научниците имаат висока компетенција, умерен интегритет и добри намери, иако се малку помалку отворени за коментари и повратни информации. Повеќето од учесниците сметаат дека научниците се и квалификувани (78%), чесни (57%) и загрижени за благосостојбата на луѓето (56%).
Но дали овие бројки се базирани на тоа кој одговарал? Глобално, довербата е повисока кај жените, постарите луѓе, жителите на урбани (наспроти рурални) региони и луѓе со високи примања, религиозни, со формално образование и либерални и левичарски политички ставови. Сепак, во повеќето земји, политичката ориентација и довербата во научниците не биле поврзани. Најголем број обратни случаи - козервативци кои искажуваат недоверба во науката - има во Северна Америка и некои од европските земји.
Во однос на приоритетите, повеќето луѓе сметаат дека научните приоритети не секогаш се на иста линија со нивните. Ова е значајно бидејќи ваквата разлика, помеѓу перцепцираните и посакуваните истражувачки приоритети е поврзана со довербата. Оние кои помалку им веруваат на научниците истовремено сметаат дека научните напори не одат во прилог на нивните лични очекувања, а тоа е ставање на акцент на подобрување на јавното здравје, решавање на енергетски проблеми и намалување на сиромаштијата. Истражувањата поврзани со развивање на воена технологија според јавноста во ова истражување има нанизок приоритет. Единствено испитаниците од африканските и азиските земји сметале дека одбраната и воените технологии треба да имаат нешто повисок приоритет.
Најинтересниот наод е дека глобално, помалку од половина учесници (42%) сметале дека научниците ги земаат предвид мислењата на другите. Иако тие биле оценети како високо компетентни и со добри намери, сепак подготвеноста да слушнат критики и коментари не се оценува како нивна силна страна.