Алис Манро, една од најпознатите канадски авторки, во 2013 стана првиот добитник на Нобел за книжевност од оваа земја. Почина во мај на 92-годишна возраст, откако една деценија живееше во старечки дом, со деменција.
Нејзината ќерка, Андреа Робин Скинер, вчера, 7.7., објави текст во Торонто Стар во кој обелодени детали од нивниот семеен живот, кои ја прикажуваат Манро во поинаква светлина - како сопруга и мајка која живеела со страшно сознание, но не направила ништо во врска со тоа.
Имено, Скинер тврди дека нејзиниот очув, Џералд Фремлин, почнал сексуално да ја злоупотребува уште во 1976, кога таа имала 9 години, а тој имал над 50. Низ годините Фремлин раскакажувал и за други девојчиња од соседството кои „му се допаѓале“. Престанал да ја напаѓа откако станала тинејџерка, но развила булимија, исомнија и мигрени, кои ги припишувала на злоупотребата.
Во 2005 Скинер го пријавила во полиција. Фремлин, кој тогаш имал 80, бил обвинет и го признал делото. Добил две години условно и забрана да се приближува. Но Манро дури ни тогаш не го напуштила насилникот.
Скинер тврди дека прв пат ѝ кажала на мајка си за злоупотребата во 1992 преку писмо, откако Манро во еден нејзин расказ изразила сочувство за лик кој бил сексуално злоупотребуван од својот очув (!).
Сепак, Манро реагирала точно онака као што очекувала Скинер, „како да дозна за неверство“. Привремено го напуштила мажот, кој во писма ѝ ги признал насилствата, но за тоа ја обвинил Скинер. Се заканил дека ќе објави фотографии, сликани во негова колиба близу Отава, каде Андреа носи негови шорцеви.
Изговорот на Манро бил дека било „предоцна“, дека премногу си го сака сопругот и дека мизогината култура е виновна за тоа што ќерката очекува мајката да се одрече од своите потреби како жртва за децата. „Таа инсистираше дека што и да се случило, било помеѓу мене и очувот. Дека нема никаква врска со неа.“
Всушност, пишувајќи за 'пријателствата' на својот сопруг со други деца и млади таа се опишала како „предадена“, повторно ставајќи се во центарот на приказната, како љубоморна жена. „Дали сфати дека зборува со жртва која е истовремено и нејзино дете? Ако беше така, не можев да го почувствувам тоа.“
Скинер се дистанцирала од своето семејство во 2002, откако ја известила Манро дека нема намера Фремлин да е присутен во близина на нејзините деца. „Сакав оваа приказна, мојата приказна, да стане дел од она што луѓето го кажуваат за мајка ми. Не сакам да видам веќе ниту едно интервју, биографија или настан кој нема да ја земе предвид реалноста на она што ми се случи, фактот дека мајка ми, соочена со вистината за она што се случуваше, остана да живее со злосторникот и продолжи да го штити“, заклучува Скинер.
(фото горе: Андреа е прва од десно, до неа Манро)