„Пост-читачки блуз“: тагата кога ќе се заврши добра книга

Не важи само за книги, туку и за филмови, серии (особено за серии со голем број сезони) и други искуства кои ни овозможуваат втопување во друга реалност која ни нуди нешта што поретко ги добиваме во оваа - возбуда и исполнетост. Но кога книгата ќе заврши, тогаш - што?

На еден ден, недела или месец активно се нурнувате во нечиј туѓ свет. Добивате приказна, можност за бегство, можеби дури и откритија кои ќе ви го променат животот. Во замена тие (авторите, книгите) го добиваат вашето целосно внимание. Но што се случува откако конечно ќе излезете од таа трансакција? Колку што подолго трае процесот, толку изгледа потешко да се излезе од оваа „врска“, како да е пријателска, па дури и љубовна. Како да се излезе на крај со пост-читачкиот блуз?

Психолозите и библиотерапевтите (да, има и таква професија), објаснуваат дека ова е прилично вообичаено чувство на губиток, тага што нешто интензивно завршило и кој знае дали и кога ќе се случи повторно. Тоа е како човек да се збогува со пријатели, затоа што ликовите стануваат токму тоа - луѓе што ги запознаваме, и тоа интимно, а потоа во еден момент исчезнуваат од нашите животи. 

Ова се случува дури и со книги во кои нема конкретни ликови, ни заплет, туку се такви кои ни ги шират видиците и „разговараат“ со нас, создавајќи ни чувство дека сме во дијалог со некој поумен. Ова е споделена активност во која авторот ни обезбедува една третина од искуството, но ние учествуваме со две третини, бидејќи она што ни се нуди најчесто не се само описи туку насоки, сугестии, кои потоа ги развиваме самите, внесувајќи во нив не само мисли туку и чувства. Она што почнало како нечија туѓа забава на која само сме биле поканети, станува наша. 

Ова секако е нешто што книжевните дела го правеле отсекогаш, но сега тие се подостапни и за читање, и во форма на аудио книги. Има луѓе кои намерно не завршуваат одредени книги, или затоа што не сакаат да знаат што се случува со нивниот омилен лик, или затоа што крајот на некоја посебно значајна книга вреди да се пролонгира...засекогаш. 

Веројатно најдобриот начин да се надмине пост-читачкиот блуз е да се биде благодарен за она што сме го научиле и доживеале, оставајќи си време за подоцна повторно да се навратиме на истата книга. 

извор

11 мај 2022 - 08:37