Уа шнајдери!

Последниот жив сликар на филмски билборди во регионот

Не ни текнува дали ваква традиција имало и кај нас, но во рачното насликаните филмски постери дефинитивно има некаква магија. Таа за жал полека згаснува, со заминувањето на последните уметници кои се занимаваат со овој жанр. Василис Димитриу е еден од нив.

Василис Димитриу (78) никогаш не сретнал холивудска ѕвезда во живо. Но од неговата 15-годишна возраст тој скоро секоја недела слика по една од нив, во стил кој личи на старите студиски фотографии. Благо замаглени, како на граница помеѓу сон и јаве, тие потсетуваат на раното доба на целулоидот, сјајните филмски списанија и старлетите со цигара в рака, наспроти денешните торенти и дигитализирани филмски ликови.

Денес тој е последниот жив сликар на билборди во Грција, и само еден од неколкумината преостанати во цела Европа. Во времето на немиот филм во 1920-тите холивудските студија најмувале графички дизајнери и сликари кои рачно изработувале големи платна коишто ги краселе кино салите низ светот. Но во ерата на масовно печатените билборди, овие старите веќе не се интересни, па професијата на Димитриу е на работ на исчезнувањето.

 

И на возраст на која одамна би требало да биде во пензија, тој се уште се радува на секое направено платно. Негов единствен нарачател во последно време е Атенеум, кино во центарот на Атина, единственото кое ја одржува оваа традиција. Бидејќи репертоарот се менува во четврток, Василис секоја среда во 11 навечер се мести пред киното со неговите постери, и самиот ги поставува качувајќи се на висока скала. Неговата лева рака е здрвена од Паркинс, најверојатно како последица на боксерска повреда од младоста. И десната му се уморува после долго држење на четката. Но тој не се откажува.

Жителите на Атина добро ги знаат неговите слики, за кои велат дека содржат нешто носталгично (пазете го Жоакин Феникс на постеров за Her). Повозрасните се сеќаваат дека како деца биле хипнотизирани од платната, како на пример од она на кое Роџер Мур како Џејмс Бонд е опкружен од оружје и старлети. Во време кога во сè има некаква „истост", она што го прави Димитриу изгледа навистина посебно.

За еден постер нему му се потребни три до четири дена. Ги изработува во неговата мала работилница, каде на еден ѕид се одбележани истите димензии како на кино билбордот. Наоколу има портрети од актери кои тој често ги слика, меѓу кои и Пенелоп Круз, која тој ја нарекува „мојата девојка".

Скици за постерите си прави во тетратче, исто како во детството, кога немајќи за хартија или моливи цртал со нешто што личело на креда врз тротоарите и ѕидовите на атинската населба Кипсели. Татко му, кој се борел на страната на грчкиот отпор за време на Втората светска војна, по некое чудо преживеал стрелање, кога исползел од масовната гробница, но морал да се крие следните две години, до крајот на војната. Син му растел со цртањето, а по војната и со филмовите кои ги гледал во кината на отворено качен на дрво. Откако повеќе пати се обидувал да го избрка, кино-операторот на крај му понудил да му помага, а наскоро го забележал и неговиот талент за цртање. Во златното време на киното и на билбордите, дури 10 кина во Атина нарачувале постери од него.

„Тогаш на кино се одеше во одело и кравата", се сеќава тој. „Жените носеа прекрасни фустани. Имаше пауза, па пола кино излегуваше во фоајето на пијачка и на разговор за филмот. Сега тоа го нема.".

„Сè додека можам ќе го правам oва. Кога ќе престанам да дишам, тогаш ќе престанам и со сликањето".

27 февруари 2014 - 08:37