Автоматската опција за корегирање текст во пораки (во случајов на англиски) е прилично корисна алатка, но знае да има и драстични последици, кога нема да забележите дека некој збор ви се претворил во нешто што никако не сте сакале да го кажете. Тогаш, наместо да служи на својата примарна функција - софтвер кој оди по вас и зачистува откако ќе го избербатите текстот со куп грешки, тој станува потсетник за тоа дека лежерното потпирање на технологијата не е секогаш добра идеја.
Новинар на Wire, кој успеал да напише цела книга на телефон користејќи го автокоректорот, пишувајќи во метро, во чекални и на улица, решил да го запознае човекот кој прв дошол на идејата да ги научи машините да наоѓаат смисла во нашето манијакално куцање. Тој се вика Дин Хачамович, работи во седиштето на Мајкрософт во Редмонд, Вашингтон, и е пронаоѓач на патентот за автокоректура.
Кога му се придружил на Мајкрософт, во раните 1990-ти, во фирмата веќе биле дефинирани две фракции - едните кои сакале процесирањето во Word да биде естетски поубаво и повозбудливо, и оние кои инсистирале на подобра функционалност. Вториов табор, кој го вклучувал Хачамович, сакал да го направи куцањето колку што е можно полесно и ослободено од грешки.
Идејата за автоматскиот коректор се појавила кога на Хачамович му текнало дека празното место или „спејсот" може да се користи како тригер за автоматска корекција на грешки во куцањето, како случајни големи букви или заменети места на букви во некој збор. Секако, многу бргу во фирмата луѓето почнале да ја користат опцијата за мајтап - Дин влегол во компјутерот на неговиот шеф и направил секогаш кога тој ќе искуца „Дин" тоа автоматски да се менува во името на неговиот колега „Мајк". А и децата многу бргу ја сфатиле финтата, па некои родители му се пожалиле на Дин дека кога го куцаат името на нивната ќерка се појавува изразот „убавата принцеза".
Следеле посериозни проблеми на автокорекцијата, како на пример одлуки за тоа кои спелинзи да се земат како релевантни (понекогаш се можни неколку точни за еден ист збор), но и тоа кој збор да се сугерира прв во случај на грешка во пишувањето, а притоа да не се направи голема беља. Истовремено, од Мајкрософт не знаеле каков став да заземат во однос на коректниот спелинг на некои безобразни зборови, на пример mothrefukcer - дали воопшто да се сугерира корекција во такви случаи, или не.
Случајот кој ја разрешил дилемата бил оној на Бил Вињола (Bill Vignola), кој му испратил мејл баш на Бил Гејтс, потпишувајќи го со автокорегираното Бил Вагинал (Bill Vaginal). Веројатно ова често му се случувало на сиротиот Вињола, но овој пат веројатно бил превозбуден што му пишува на Гејтс и едноставно не ја забележал корекцијата. Освен неговата жалба до Мајкрософт, доста гласна била и онаа на Голдман Сакс (Goldman Sachs), чие име во Ворд излегувало како Goddamn Sachs. Тоа било моментот кога Мајкрософт решил да направи листа со зборови кои никогаш нема да бидат сугерирани.
Целата историја на автокорекциите е долга и интересна, со куп приказни за влијанието кое го има извршено оваа опција и во други јазици освен во англискиот. Во Азија наводно постои сленг користен од тинејџери, кој се базира на првите сугестии за автокомплетирање на одбраниот збор, што е некаков вид кодиран јазик. Нешто слично на она што го промовирале надреалистите, со автоматското пишување. Чувме дека постои ваква опција за македонски, во која дури и само една корекција би била доволно корисна - незнам, во не знам.