Кога ќе се споменат „пуританци" веднаш се мисли на екстремно конзервативни, анти-хедонистички настроени расипувачи на забави. Но, тие всушност биле англиски протестанти од 16. и 17. век, кои сметале дека нивната црква во текот на реформацијата недоволно се одделила од католичката, толерирајќи обреди и верувања карактеристични за католицизмот. Тие се залагале за „чиста" доктрина и вера, па оттаму и нивното име.
Но ако нивното име понекогаш доведува до забуни, тоа не е ништо во однос на имињата кои тие им ги давале на нивните деца. Ексцентричниот вкус во оваа смисла им бил симбол за специфичноста на нивната вера и начин тие да се одделат од не-пуританските соседи. Голем дел од нив се содржани во книгата на Чарлс Бардсли, „Чудната пуританска номенклатура" од 1888, која вклучува општински пописни листи кои ги содржат овие имиња, од кои некои постојат и денес. Идејата зад повеќето од нив била педагошка - детето цел живот да си се потсетува на неговите верски обврски, и да покажува понизност.
Од долгиот список ги издвојуваме следниве:
Fear-God (Богобојазен)
Wrestling (Борење)
Fight-the-good-fight-of-faith (Води-добра-војна-за-верата; по нашки Војне)
Jesus-Christ-came-into-the-world- to-save (Исус-Христос-дојде-на-овој-свет-за-да-спаси; по нашки Спасе)
Thanks (Фала)
What-God-will (Волја Господова)
Joy-in-sorrow (Радост во болка)
Remember (Сети се)
Fear-not (Не плаши се)
Experience (Искуство)
Anger (Гнев)
Abuse-not (Не злоупотребувај)
Humiliation (Понижување)
No-merit (Без вредност)
Helpless (Беспомошен)
Sorry-for-sin (Извини-за-грев)
Dust (Прав, Прашина)
Ashes (Пепел)
Tace (Тишина, ама само женско име)
Kill-sin (Убијгнев)
Сепак, некои од имињата се сè уште во оптек и не звучат толку екстремно - како Хоуп, Џоли или Тринити. Но тоа е можеби само затоа што на нив некако сме навикнати. А што му фали пак на Искуство Стојковски, пример?