Веб проект

Поезија која ги следи дневните настани

„Поетите реагираат" (Poets Respond) е веб рубрика на поетското списание Rattle, кое од јуни оваа година ги покани сите поетски настроени да опишат значаен настан во текот на неделата. Така се создава архива од некој вид пара-вести, односно се промовира поинаков новински дискурс, овој пат во стихови.

Една од причините за ваквата рубрика е тоа што песните во списанието обично се објавуваат шест месеци откако се поднесени до редакцијата, а за да се појават онлајн се потребни уште шест. „Вистинската“ поезија можеби е безвременска, но од друга страна заради нејзината стереотипна „трансцедентност“ поетите често се демотивирани да реагираат на настаните на дневна база. Со тоа таа - поезијата - излегува дека нема шанси да биде актуелна, а поетите се сметаат за луѓе кои живеат под стаклено ѕвоно и не се општествено ангажирани.

„Сметаме дека поезијата во 20.век стана толку опскурна и езотерична што читателите често забораваат колку трогателен може да биде јазикот. Како резултат на тоа, повеќето луѓе учат да пронаоѓаат и да изразуваат чувства нив музиката, филмовите и романите, додека поезијата чмае на нејзините осамени полици во книжарниците", велат од списанието, нудејќи го Poets Respond како одговор на оваа ситуација. Ако поезијата не може да влезе во главните вести, тие можат да влезат во неа.

Тоа во нашиот случај значи - отвараш daily.mk и ги читаш вестите. Врз основа на онаа која ќе те инспирира пишуваш песна, без оглед дали хаику или сонетен венец. Пробајте со „Откриена причината за масовно труење во Драчево", „Бројот на првачиња во Вевчани двојно зголемен", или со која и да е друга вест, поетски коментирајќи ја. Вашите творби испраќајте ги во коментари на ФБ страницата на Букбокс. Нам искрено најмногу ни легнува „Дождлива седмица пред нас".

1 септември 2014 - 17:27