Пештера полна лилјаци во шпанска Андалузија е локацијата на која се најдени сандали стари 6000 години. Тие биле помеѓу куп други древни објекти како кошари и алатки за рударење, кои останале сочувани поради ниската влажност и студените ветрови во пештерата. Некои од предметите се стари дури 9000 години.
Наодот е обелоденет завчера (27.09) во списанието Science Advances (Научни пробиви). Авторите тврдат дека станува збор за најстарите и најдобро сочувани материјали направени од растителни влакна во јужна Европа.
„Технолошкиот диверзитет и третманот на сировите материјали покажуваат колку биле вешти предисториските заедници“, изјавила Марија Хереро Отал, ко-авторка на текстот.
Сандалите кои биле анализирани во својата структура содржат различни видови треви, но вклучувале и други материјали, како кожа и вар. Тие се постари од 5500 години старите кожни чевли откриени во пештера во Ерменија во 2008, кои до сега важеа како најрано откритие од овој вид. Локацијата е Куева де лос Мурсиелагос, или „Пештерата на лилјаците“ во Андалузија, југо-западна Шпанија. Првиот човек кој влегол во неа во 1831 бил земјоделец, кој тука собирал измет од лилјаци, состојка за правење природно ѓубриво. Две децении подоцна таа била користена од рудари кои тука откриле мумифицирани тела, кошари, дрвени алатки но и заби од дива свиња и уникатна златна дијадема.
пс. За оние што не знаат што беше боросана - ортопедските обувки од Борово, Хрватска, прв пат направени во 1968.