„Три минути за куче: мојот живот во железен бел дроб“ е книга на тексашанинот Пол Александар, во која го опишува својот неверојатен живот како еден од последните пациенти со полио во светот, кој речиси 70 години дишел со помош на машина. Тој почина на 11 март оваа година на возраст од 78, со што е и еден од последните луѓе кои го користеле овој апарат, кој бил вообичаен за одделите за полио во 1940-тите и 1950-тите.
Наместо да се чувствува заробен од машината која го одржувала во живот, The Iron Lung Man, како што се потпишувал на Твитер, извлекол максимум од невозможната ситуација. Матурирал со одлични оценки а потоа добил стипендија која му овозможила да дипломира право во 1984. Тоа и работел, живеејќи сам и успевајќи да помине голем дел од денот надвор од машината. Самиот велел дека е „ѓаволски добар адвокат“.
И покрај хендикепот, тој спомнатата книга ја напишал сам, користејќи пенкало прикачено на стапче кое го држел со устата. За стотината страници му биле потребни пет години. Насловот бил инспириран од детскиот терапевт, кој ветил дека ќе му подари куче ако издржи да дише самостојно барем три минути. За да успее во ова, тој научил да дише како жаба, користејќи си ги мускулите на грлото за да го внесува воздухот во белите дробови. За да ја совлада оваа техника му била потребна цела година, но докторот си го исполнил ветувањето и му купил кученце по име Џинџер.
Во средината на 20 век, полиомиелитис парализираше или убиваше повеќе од половина милион годишно. Заразната болест предизвикана од полиовирусот го напаѓа централниот нервен систем, причинувајќи некаква форма на парализа кај 0,5 од случаите. Френклин Делано Рузвелт, 32-риот претседател на САД станал неподвижен откако се заразил со полио во 1921.
Во една ваква ситуација железните бели дробови биле неопходни за оние кои имале парализа на дијафрагмата. Апаратот повторно беше актуелизиран среде епидемијата на Ковид-19, како многу понеризична опција од респираторот.
Вирологот Јонас Салк ја измислил полио вакцијата во 1953, а за нејзина популаризација во САД и во светот помогнал Елвис Присли (за што пишувавме тука). Така, болеста е елиминирана, а во 2004 се регистрирани само 39 поединци кои се уште ја користеле спомнатата машина. Пред неговата смрт, Александер бил еден од само двајцата Американци кои се уште биле на железни бели дробови.
„Мојата приказна е пример зошто вашето минато или хендикеп не треба да ја дефинира вашата иднина. Без оглед од каде сте и без оглед на предизвиците со кои се соочувате, можете да постигнете што и да е. Само треба да имате волја и да сте трудољубиви“, изјавил Александер.