На 28 октомври 1956 на шоуто на Ед Саливан се појавил неочекуван промотор на јавното здравје. Пред да се качи на сцената и да ја испее својата верзија на „Хаунд дог“, тогаш младиот и шармантен Присли бил вакциниран од полио, во живо. Градскиот здравствен инспектор, присутен на лице место, изјавил: „Тој дава добар пример на младите во земјата“.
Полио во јавноста погрешно била сметана за болест на децата, а не и на тинејџерите. Оттаму, кога американскиот виролог Џонас Салк ја произвел вакцината, и вакцинацијата на младите одела потешко. Некому помеѓу медицинските власти му паднала на памет навидум одлична идеја - ако кралот на рокенролот се вакцинира, сигурно тоа ќе сакаат да го направат и неговите фанови.
Но амбициозниот план не бил баш успешен. Тинејџерите имале добра причина зошто да стравуваат од вакцинацијата, откако во 1955 непрописно подготвени дози биле произведени во лаборатории во Беркли, Калифорнија, а содржеле жив полиовирус.
Втора причина била финансиска: биле потребни три инекции, секоја по 30-50 долари во денешни пари, што за голем број семејства било многу пари. Оттаму, невладини организации кои се обидувале да ги убедат тинејџерите организирале популарни игранки познати како „сок хопс“ (скокање во чорапи, без чевли), за кои влезница била всушност имунизација.
Овој пример покажува дека врската помеѓу јавните личности и нивните фанови не е баш толку јасна како што изгледа на прв поглед. Не значи дека ако (пример) Бред Пит одлучи да донира бубрег на непознат, истото тоа ќе го сторат и голем број негови обожаватели. Ова во последните децении на 20 век било добро сфатено, па славни личности поретко биле ангажирани за здравствени кампањи (тн. „медутејнемнт“ или комбинација на медицинско образование и забава). Наместо тоа, јавното испраќање здравствени пораки почнало да се вградува во популарни медицински телевизиски производи (како Анатомијата на Грејс, Доктор Хаус и др.)
Иронично е дека кога станува збор за вакцините, славните личности во последно време се многу повидливи во анти-ваксерските движења. Меѓу нив, на пример, се Џим Кери, Роберт де Ниро, Чарли Шин и Алиша Силверстоун. Кој знае каков би бил ставот кон вакцините на Елвис денес.