Станува збор за мокументарец сниман помеѓу 1970 и 1976, сатира упатена кон авангардните режисери на седумдесетите. Во него играат огромен број тогаш славни филмаџии, меѓу кои Џон Хјустон, Питер Богданович, Денис Хопер и други. Централен лик е Џејк Ханафорд, режисер на филм кој исто како и овој се вика „Другата страна на ветрот“, а чиј живот и дело на необичен начин се преклопуваат со оној на Орсон Велс. На пример во фактот дека и Велс и измислениот Ханафорд умреле пред да го видат снимениот филм.
По премиерата во Венецискиот фестивал на 31.8, публиката и критиката се согласни дека материјалот од 122 минути, чии извршни продуценти се Питер Богданович и Беатрис Велс, ќерката на Орсон, веројатно не е случајно оставен незавршен. Во тоа како да има некаква последна, тајна порака за централната идеја на филмот: дека агонијата и екстазата на уметноста лежи во процесот, а не во крајниот производ, и дека завршеното дело никогаш не соодветствува на идеалната верзија во главата на оној кој го создава. Барем не во главата на големиот Орсон Велс.
„Брилијантен“, „хаотичен“, „трагикомичен“ се само некои од епитетите кои му се припишуваат на овој очигледно откачен филм, за остарениот славен режисер чиј статус е загрозен од новите, млади синеасти. Некои од нив сакаат да му помогнат, но ништо од тоа не успева - забавата на која треба да се соберат средства за филмот излегува дека е комеморација за режисерот, кој во меѓувреме умира.
Венецијанскиот филмски фестивал, кој се одржува од 29 август до 8 септември се отвори со „Првиот човек“ на Дамиен Шазел (Ла ла ленд), со Рајан Гослинг, кој ја раскажува приказната за првиот човек на месечината, Нил Армстронг. Фестивалската програма ветува, и содржи нови филмови на Итан и Џоел Коен, Алфонсо Куарон, Ласло Немеш, Мајк Ли и Јоргос Лантимос. За Златен лав ќе се натпреваруваат 21 филм а во жирито, меѓу другите, се Гиљермо дел Торо и Кристоф Валц. Eден од филмовите кои до сега доби одлични критики е „Ѕвездата е родена“, режисерско деби на актерот Бредли Купер, со Лејди Гага во главната улога.