Откако го прочитал расказот на Пру, композиторот Чарлс Вуоринен во него видел материјал за трагична опера. „Во постарите оперски дела би имало некое вонбрачно дете или класни разлики. Истополовата љубов, особено ако се случува во контекст каде е апсолутно забранета, е современа верзија на истиот вечен проблем", вели тој.
Вуоринен во 1970 со своите 32 години бил најмладиот добитник на Пулицер за музика, а композицијата за која ја добил престижната награда, Time's Encomium, била првото наградено електронско дело во оваа категорија. И претходно има правено опери врз основа на книжевни дела, како на пример „Харун и морето" базирана на романот на Салман Ружди, која е изведена во Њујоршката опера во 2004.
Како дел од подготовките на новата опера композиторот и неговиот тим отпатувале до Вајоминг каде се одвива оригиналното дејствие, за да сними видео преку кое потоа на сцената ќе се проектира планинскиот пејсаж. Според него ова не е само дизајнерска финта, туку и симбол на „парадоксалната тежина која ја носат планините". Или по наше - секоја планина, своја тежина.
Режисерот на операта Ајво ван Хове се оградува од каква и да е споредба со филмот. „Ова не е адаптација на филм за сцена", вели тој. „Има повеќе место за жените, а операта завршува со арија на главниот лик, Енис, кој на овој начин ја изразува својата љубов".
Нарачател на операта е Џерард Мортиер кој во 2008, кога таа почнала да се подготвува, бил директор на Њујоршката опера. Две години подоцна тој ја сменил позицијата и станал генерален директор на Театро Реал во Мадрид, кадешто го пренел проектот. Бил малку загрижен заради селењето на продукцијата во Европа бидејќи сепак се работи за „многу американска приказна", за каубојци кои би делувале неубедливо доколку бидат толкувани од европски пејачи. Но проблемот бил решен со ангажирање на двајца американски оперски пејачи, канадскиот бас-баритон Даниел Окулич и тенорот Том Рендл.
Премиерата на операта е на 28. јануари а во театарот Реал во Мадрид ќе се прикажува до 11 февруари.