Во март 1896, Марсел Пруст напишал писмо до неговата прва љубов и тајна страст, славниот композитор Рејналдо Хан. Двајцата важеле за уметнички корифеи на нивната генераиција, но нивната врска ќе остане тајна во текот на целиот нивен живот. Тогаш на 24-годишна возраст, со тешко разбирлив и ситен ракопис, Пруст пишува: „Сакам да бидеш тука цело време, но како преправен бог, кого ниту еден смртник не може да го препознае“.
Оваа недела неколку до сега необелоденети писма помеѓу Пруст и Хан ќе излезат на аукција во Париз, како дел од продажба на 70 книжевни ракописи, книги и писма кои фрлаат нова светлина на еден од најпознатите француски автори. До сега збирката беше во рацете на потомците на Пруст, односно на правнуката Мари-Клод Манте, ќерка на единствената внука на писателот, Сузи.
Љубовното писмо на Хан било напишано кога Пруст ја објавил својата прва книга, „Задоволства и денови“, збирка на рана поезија и проза. Таа вклучувала и четири дела за пијано од тогаш веќе етаблираниот Хан.
Збирката ракописи вклучува и 138 писма од издавачот на Пруст, Гастон Галимар, кои тој ги испраќал од 1912 до 1922, годината на смртта на Пруст. Во едно од нив Галимар покажува необична приврзаност кон авторот: „Љубоморам и на тебе и на твоето дело: кажи ми отворено што сакаш, и јас ќе сторам сè за да не те разочарам“. Оваа коресподенција е највредниот аукциски пакет, проценет на 150.000 евра.
Претходно: Како настанал Прустовиот прашалник?