Книгата е всушност збирка есеи, дневнички записи, патеписни импресии, сеќавања, но и писма кои му ги посветил на неговиот голем пријател, трагично починатиот историчар на уметност и рок критичар Дарко Главан.
Промоторот Борис Дежуловиќ се надоврзал на Предин од почетокот на книгата, каде тој вели дека „секој маж во животот треба да посади дрво, да направи син, да изгради куќа и да напише книга", и изјавил дека книгата ја напишала рок-икона која ги преживеала своите гневни дваесети и триесети, па се согласила на стареење.
Додуша Предин никогаш не бил типична рок ѕвезда, ниеднаш не скршил ребро мртов пијан бегајќи од полиција, туку влегол во рокенролот како сериозен семеен човек. Оттаму, оние кои во книгата ќе бараат некаква рокенрол историја или пикантни детали за „Лачни Франц" нема тука да ги најдат, а во неа нема ниту трачеви за екс-југословенската рок сцена. Таа е повеќе лежерно четиво полно со сјајни автоиронии, по кои според промоторот се познаваат „задоволните и довршени луѓе".
Хрватското издание сепак содржи една вињета за Лачни Франц, во која се вели: „Делувавме како пет бараби кои никој не може да ги фати. Такви и бевме, не се правевме нешто кое не сме. Други бендови можеа да ги уценуваат со кариера, со хонорари, нас со тоа никој не можеше ниту да нè мотивира, ниту да нè уценува".
До сега никој нема спомнато зошто книгата се вика како што се вика, и дали насловот е можеби една од споменатите иронии. А звучи така.