Литература-музика-литература

Пети Смит и руските класици

Рок-иконата Пети Смит својот нов албум „Банга", кој ќе излезе на 5. јуни, го нарече по кучето на Понтиј Пилат од култниот роман на Булгаков, „Мајсторот и Маргарита".

И прекарот на втората жена на Булгаков, Љубов, бил Љубанга, или скратено Банга, и токму таа го натерала да си засака животните, особено мачките и кучињата, кои се чести ликови во неговите дела.

Покрај Булгаков, инспирација на Смит е и Гогољ - песната April Fool од новиот албум, е напишана како мал поздрав до овој писател. „Тој им се обраќа на мртвите души, на искинатите капути, на за'рѓаните велосипеди", вели Пети, веројатно идентификувајќи се со овој опис.

„Банга" е прв нејзин албум со оригинални песни по Trampin' од 2004. Негова главна тема е почитувањето на животната средина. На неа има и посвети на пријатели - песната „Ninе" е напишана за роденденот на Џони Деп, "This is the Girl" е посветена на Ејми Вајнхаус, а една песна е за покојната глумица Марија Шнајдер.

Банга и Пилат послужиле како инспирација и на Перл Џем за песната „Пилат", чиј рефрен вели „Како и Пилат, и јас имам куче, тоа се покорува, слуша, бакнува, љуби". Може и тие мислат на некоја жена..

4 април 2012 - 09:09