Анти 140 карактери

Патепис - по стапките на Одисеј

Има неколку причини зошто овој текст ни се допадна. Едно е што читањето туѓ патепис е каква-таква, психолошка компензација за неможноста да се патува, во случајов по Медитеранот, на луксузен брод. 

Второ е што типот на турава може да биде добра инспирација за нашите агенции, особено делот со давање задолжителна литература пред поаѓање, па макар и се одело до Матка. Трето, ако не сте ја читале „Одисејата", барем вака ќе доживеете дел од атмосферата, на оваа приказна за приказните.

На крајот, никогаш не стигнавме до Итака - не ја доследивме „патеката на Одисеј", како што ветуваше брошурата за крстарењето, барем не до крај на најпознатата книжевна дестинација, мал и карпест остров за кој пее Хомер, каде Одисеј го доживеал славниот пречек дома. Видовме голем дел од она што тој го видел: Троја, каде завршила неговата војна а започнале неговите талкања; Малта, каде бил задржан седум години од нимфата Калипсо; Сицилија, каде неговите морнари биле проголтани од Сцила; наполитанскиот брег, за кој древните луѓе верувале дека е близу влезот во подземјето. Но Итака излезе дека е недофатлива. За херојот на легендата, тој остров бил кулминација на неговата авантура; нам, на нашето медитеранско крстосување, ни попречи модерната политика - во овој случај штрајкот кој нè натера во луда трка да стигнеме до Атина, за да си го фатиме летот за дома.

Но не бевме воопшто разочарани, ние кои се пријавивме за турата „Патувањето на Одисеј: по трагите на Одисејата низ древниот Медитеран", една од неколкуте тури на Травел Динамикс Интернешнл инспирирани од историјата и литературата. Првите стихови на Одисејата, на крајот на краиштата, го опишуваат Одисеј како некој чудно сличен на нас - тој е првиот турист, првата личност во сите легенди или пишани истории која патувала затоа што сметала дека светот е интересен, затоа што сакал „да ги запознае умовите и да ги види градовите на многумина", како што тоа го вели епот. Така и ние, и за кратко се чувствуваме како и нашиот херој - десетте дена во кои пловевме, еден ден за секоја од годините на неговото патување, пред да пристигне во домот кој не успеавме да го видиме.

На ова крстосување тргнав повеќе заради татко ми отколку за себе. Како класичар ја имав прочитано и предавано Одисејата многу пати, и имав посетено голем број од овие места, но татко ми го немаше сторено тоа. Сега во неговите осумдесети,пензиониран научник - човек кој се чувствува поудобно со бројки отколку со литература - тој пред неколку години одлучи дека сака да ги чита грчките класици, за да знае на што имам потрошено голем дел од мојата кариера на читање и пишување. Така, тој почна да го проучува неговиот Хомер (дури го слушаше и семинарот за Одисеја кај мене, забавувајќи ја групата со неговите коментари: „Херој? Како може Одисеј да биде херој кога ја мами жена си, и толку лаже?!"). Кога видов реклама за „Патувањето на Одисеј", тоа изгледаше како совршен начин да му ги покажам пејсажите, климата, вкусот на источниот Медитеран, работи кои и не се смениле многу откако Хомер ги испеал неговите песни.

Но сакав да има нешто повеќе од само пријатен одмор. Бев гостин-предавач пред 10 години на една слична тура на Травел Динамикс во источниот Егеј, и бев импресиониран од интелектуалната сериозност на потфатот. Ако ништо друго, турите често се водени од археолози кои ги ископуваат историските локации, привилегија која на просечниот турист не му е често достапна. Нашето крстосување на интимен брод со само 57 апартмани вклучуваше дневни екскурзии до археолошки наоѓалишта во Троја, Пилос, Малта и Сицилија, како и целосна програма на предавања на самиот брод - често две дневно - од експерти за антика и од археолози.

А имаше и домашна работа. Дебелиот пакет кој го добивме пред тргнување содржеше список со наслови за читање кои сугерираше шест „основни" текстови - секако Одисејата, но и „Марусинскиот колос" на Хенри Милер и класичната „Светот на Одисеј" од Мозес Финли - како и 15 други „препорачани" текстови. Набргу откако запловивме од Атина кон нашата прва дестинација, Чанак-кале, во северозападна Турција - современото име на локацијата на Троја - се воспостави фин ритам на утрински ексурзии, лежерен ручек назад на бродот, а потоа едно или две предавања. Потоа имаше коктели и вечера. Личеше на богат семинар за додипломци - изобилен, но и ригорозен.

Не сфатив колку е нашата група посветена на работата, составена од околу 80 патници, додека еден ден, на ручек, не почнав разговор со едно момче кое стоеше до мене кај бифето - дете со сериозен лик на околу 10 години кој патуваше со група која изгледаше дека се состои од три генерации од неговото семејство. На шала го прашав што мисли за верзијата на Одисеја на Роберт Фагл, еден од нашите текстови. Тој ме погледна студено. „Многу е добра, иако е јасно дека на Хомер му е потребен уредник", одговори момчето, чие име беше Роберт. Не смеев да признаам дека самиот ја немав завршено домашната.

Секако, почнавме од Троја - градот каде завршува Илијадата, и каде почнуваат Одисеевите авантури. Троја не е име кое Грците му го дале на градот каде се случила најголемата војна од митот, тие градот го викале Илион, збор кој потекнува од древното хетитско име Вилуса (Илијада значи „песна за Илион"). Хомер го нарекува градот „ветровит", и навистина е таков и денес. На денот кога го посетивме, и покрај летната жега сепак имаше благ, но постојан ветер, кој доаѓаше од некој правец кој не можеше да се идетнификува, но доволно за да ги убеди матруните со остри врвови да замавнуваат со нивните непријателски лисја во наш правец или пак дивите цветови да ги нишаат нивните тешки глави. Тоа е голема, закривена локација, а најинтересното откако ќе го поминете пристаништето, на кое се наоѓа огромниот Тројански коњ конструиран за филмот Троја - се ѕидовите: остатоците од она што биле всушност девет последователни населувања на таа локација, навидум бескрајна серија на масивни акумулации од камења, од чии пукнатини ѕиркаат жолти цветови. Брајан Роуз, детински настроениот археолог од Универзитетот во Пенсилванија, кој беше еден од водачите на крстосувањето, и кој работел на местото од 1988, нè водеше наоколу. Тој ни објасни дека закривувањето на ѕидовите можеби било наменето за збунување на освојувачите. Тој е добар и за одбрана од туристите: Троја никогаш не е толку посетена како на пример Помпеја, каде бевме подоцна.

Роуз е специјалист за пост-бронзената епоха на Троја, и нè потсети дека областа била значајна туристичка атракција во древни времиња; посетата на славните ѕидини е нешто што луѓето го правеле од времето на персискиот крал Ксерксес (480 год п.н.е). И Александар Македонски бил на посета, по пат, додека ја освојувал Азија (тој спиел со копија на Илијадата под перница). Таа идеја - идејата дека вие, како турист, не го десакрализирате местото со тоа што го посетувате, туку само се придружувате на неговата долга историја - заедно со тој шепот на непрекинатото ветерче, прави местото да изгледа како населено со духови. Немирни духови, секако: под Чанак-кале е Галиполе. Со трогателниот споменик на австралиските и новозеландските мртви од Првата светска војна на Галиполе на нашата десна страна, и Троја на нашата лева страна, татко ми (кој секогаш имал поголема почит за Илијадата отколку за Одисејата) ја стресе главата и рече; „2,500 години, и пак истата приказна".

Неколку дена подоцна, по малку лошо време нè натера да скршнеме на не-одисејски но фин престој на кикладскиот остров Сирос - главниот остров во Кикладите, кој како да го минува времето позирајќи за разгледници, со малите бели куќи, исто толку свеж како и пружените алишта и пристаништетот со блескави јарболи - се симнавме на Пилос, еден од најужните краишта на Пелопонез, легендарното упориште на Хомеровиот крал Нестор. Нестор, кој е стар во Илијадата, но уште постар во Одисејата, е херој кој ужива во реметењето на младите воини со неговите приказни за тоа колку биле посилни хероите од негово време.

Пилос не е далеку од Каламата. Кога ќе пристигнете на место познато како Несторовата палата, пејсажот се лелее со сребрено-зелените маслинови лисја. Палатата е микенска структура која сега се состои од нешто повеќе од високи темели и повремени столбови кои сугерираат како изгледала архитектурата. Но тук и таму нешто исклучително ќе ви се појави пред очи, објект кој ве враќа директно во хомеровиот свет. Токму тука видовме богато изрезбана, речиси недопрена када за капење, која се наоѓа на едниот крај од палатата и е украсена со неверојатна декорација од големи венци.

Собрани околку неа нашата група климаше со главите препознавајќи и сеќавајќи се на сцената во која синот на Одисеј го капат во текот на посетата на Палатата на Нестор, каде тој заминува барајќи новости за неговиот одамна загубен татко. Еден од патниците се сети и на друг познат момент со када во Одисеја: сцената во која Одисеј, откако се враќа во својата палата преправен во валкан просјак, е препознаен од старата робинка која го капе, по лузната на неговата нога - лузна која како и се во Одисејата, има своја приказна. Очигледно луѓето си ја завршиле домашната, и уживаа.

(...)

За разлика од некои студенти, возрасните читатели на Одисејата на медитеранските тури како нашата не исполнуваа некаква обврска; нивниот ентузијазам беше видлив, и создаваше некаква бродска зараза. Едно утро, во тек на уште еден богат појадок на палубата - додека белите шољи кафе сјаеа на медитеранското сонце, а дрвените маси стоеа под сенка на сини платна - со татко ми почнавме да разговараме со пар од Калифорнија. Во една од оние неверојатни конциденции кои се карактеристични за „Одисејата", мажот испадна дека е Извршен директор на компанија во која татко ми работеше речиси целиот живот. „Тука ги водиме најдобрите разговори кои кога и да е сме ги воделе", изјави мажот во врска со крстосувањето. Ноќите по вечерата, една група се собираше во салата на пијачка. На татко ми многу му се допаѓаа изведбите на пијанистот на Гершвин и Роџерс и Харт, некогаш Елена Мјасоедова, менаџерот на турата, и Роуз, правеа спонтани концерти на народна музика до доцна во ноќта. Во текот на една ваква вечер, додека пијанистот го свиреше Кол Портер, Роуз ни раскажа како ги обучувал трупите кои војуваат во Ирак да преознаваат и, ако е можно, да одбегнат да уништат потенцијално важни археолошки локалитети: „Ако видите благ рид, тоа е архолошки локалитет - не постојат природни ридови во јужен Ирак."

Како што тоа добро го знаел Хомер, опасноста на една голема одисеја е тоа што, како и јадачите на лотус, и вие може да бидете заведени од неочекуваните задоволства, па да си ја заборавите дестинацијата и целта. Едно попладне по нашата посета на Сегеста, налетав на мојот млад пријател Роберт во бродската библиотека, и му понудив да поделиме колаче кое го имав донесено од брегот. Додека тој радосно мљацкаше, не можев а да не забележам што имаше напишано на неговиот ајпад во врска со Одисеј: „Тој прави многу глупави грешки кои го туркаат во невољи".

Но можеби и не е важно колку детално ги следите трагите на Одисеј. Повеќе од што и да е друго, Одисејата е приказна за приказните - оние за Одисеј, кој долго бил исчезнат во акција, приказните кои тој ги слушал, приказните кои често му ја спасуваат кожата, а кои самиот ги кажувал, приказните кои сите си ги кажуваме едни на други, дури и без да го знаеме тоа..

Но потоа се случи приказна која не можев да ја измислам дури и да пишував роман наместо патепис. Еден ден, додека се сончав, забележав дека еден постар господин до мене има лузна на ногата; кога виде дека ја видов се насмеа. „Има приказна"; рече, и се заслушав. Лузната, почна тој, е причината зошто дошол на крстосувањето. Човекот е Холанѓанец, и во текот на последната, најлоша зима од Втората светска војна, кога бил тинејџер и луѓето во Холандија јаделе лалиња за да преживеат, излегол, слаб и исцрпен, да исцепи дрва; не можејќи да ја држи секирата како што треба, си ја повредил ногата. Со недели бил близу смртта. Она што го спасило била „Одисејата". Еден семеен пријател кој бил професор по грчки доаѓал секој ден, и за да му ги олесни маките, го подучувал грчки и му рецитирал делови од Хомеровиот еп за чудата и болката. „Се уште можам да рецитирам делови на грчки!", рече тој, и токму тоа и го направи, таму, на палубата на Corinthian II, речиси седум децении подоцна. Потоа стивна и рече, „Се заколнав дека пред да умрам ќе го видам она што го видел и Одисеј".

Приказните кои ги кажуваме. Токму затоа, кога капетанот најави дека Коринтскиот канал е затворен заради гневните штрајувачи, и дека ќе мораме да ја скокнеме Итака - да ја скокнеме Итака! - за да се вратиме на време во Атина, не верувам дека на некого му беше криво. Бидејќи Итака - како што тоа го пишува грчкиот поет Кавафи во истоимената песна - го претставува дарот на „убаво патување". Ако самиот остров разочарува, барем сте „богати со сето она што сте го добиле по пат до него".

автор: Даниел Менделсон 

10 април 2012 - 09:00