Паноптикон: малку познатиот затвор на Крф инспириран од визија на британски филозоф

Паноптиконот (еден можен превод - Севид) е еден од најпознатите архитектонски и општествени концепти во историјата. Замислен кон крајот на 18 век од британскиот филозоф Џереми Бентам, тој требало да биде револуционерен модел за затвори, болници и други институции. Денес овој концепт најчесто се споменува во дебатите за надзор, контрола и приватност, но неговите траги можат да се пронајдат и во реални градби, меѓу кои и еден затвор на грчкиот остров Крф.

Кога британскиот филозоф Џереми Бентам во 1791 година го претставил својот концепт на паноптикон, тој верувал дека пронашол решение за еден од најголемите проблеми на модерното општество – како да се воспостави ред со што е можно помалку сила.

Основата на неговата идеја била едноставна. Затворот требало да има кружна форма, со кули или ќелии распоредени по периферијата и централна набљудувачка кула во средината. Од кулата чуварот можел да ги гледа сите затвореници, додека тие не можеле да знаат дали во даден момент се набљудувани. Токму ова чувство на постојан можен надзор требало да ги натера луѓето сами да го контролираат своето однесување.

Бентам сметал дека ваквиот систем не би бил корисен само за затвори. Тој замислувал паноптикони и за училишта, фабрики, болници и сиропиталишта. Иако неговиот идеален затвор никогаш не бил изграден во Британија според оригиналниот план, идејата оставила силно влијание врз архитектурата и пенолошките реформи во Европа и Северна Америка.

Еден од најинтересните примери на вакво влијание може да се најде на островот Крф. Во периодот кога Јонските Острови биле под британска управа, во средината на 19 век бил изграден затвор инспириран од принципите на паноптиконот. Објектот, познат како Стариот затвор на Крф, бил осмислен така што од централна точка можело да се следат повеќе крила со затворски ќелии. Тој се наоѓа внатре градот Керкира и со години во Грција се одвиваат дискусии за негова релокација.

За британските власти тоа претставувало модерен и ефикасен систем на управување. За затворениците, пак, значело живот во простор каде чувството дека некој постојано ги набљудува било дел од секојдневието. Токму оваа психолошка димензија подоцна ќе го направи паноптиконот една од највлијателните идеи во современата филозофија.

Во 20 век францускиот филозоф Мишел Фуко го претвори паноптиконот во метафора за модерното општество. Според него, современите држави сè повеќе функционираат преку системи на набљудување и дисциплина, при што луѓето често сами го приспособуваат своето однесување бидејќи чувствуваат дека можат да бидат следени. Затоа паноптиконот денес не се поврзува само со затвори. Тој се споменува кога се разговара за безбедносни камери, дигитално следење, социјални мрежи и масовно собирање податоци. Идејата стара повеќе од два века продолжува да биде актуелна во време кога границите меѓу безбедноста и приватноста стануваат сè понејасни.

19 јуни 2026 - 16:46