Поштарот фаќа терца два пати

Оживување на тeлеграмите кои пеат

Изминатиов св. Валентин се актуелизира еден стар поштенско-уметнички жанр. Ако не постоел кај нас, време е да се воведе.

Пред некое време пишувавме за испраќање кодирани пораки преку букети цвеќиња. Ова е само еден начин на оживување на некои подзаборавени, креативни начини на комуникација, кои се многу пошармантни од „студената" електронска порака. Еден од нив е испраќање фиљан човек да му ја испее вашата порака на оној на кого му е наменета.

Вестерн Јунион почнала да доставува телеграми кои пејат уште во 1933 - маскирани актери пренесувале хумористични пораки придружени со музика, како начин да се разбие лошиот имиџ на телеграмата, која најчесто соопштувала лоша вест. Џорџ П. Ослин, директор за односи со јавност на компанијата во тоа време, замолил една од телефонистките да испее наместо да прочита телеграма. Иако најпрвин бил изрибан од надредените затоа што „го става на коцка сериозниот имиџ на компанијата", идејата потоа се покажала како исплатлив бизнис. Сè до шеесетите кога телефонската комуникација почнала масовно да ги заменува телеграмите.

Првото враќање на трендот е забележан во 1980, кога компанијата Eastern Onion која почнала да доставува вакви пораки отворила повеќе од 40 канцеларии низ САД. Само во онаа во Атланта, отворена во 1978, во период од над триесет години испратила повеќе од 120,000 вакви телеграми, што за родендени, што за помалку весели поводи, како на пример добивање отказ. Изведувачите вклучувале горила кој прави стриптиз, или имитатор на Елвис од 130 кила кој ја пее Burning Love. Во осумдесетите на Валентајн се случувало оваа експозитура да достави повеќе од 200 пораки во 12 часа.

Но и оваа работа не е без стапици - во последно време често се случувало компанијата да биде тужена за навреда или сексуално малтретирање на работа. Законските одредби толку почнале да го ограничуваат она што смее да се порача преку песна, што излегло дека во тоа нема лезет. Но се уште има креативни поединци кои се одлучуваат на ваква дејност. Еден од нив е Адам Роланд, 28 трансџендер уметник од Сент Луис, кој по нарачка компонира, пишува стихови и самиот ги доставува „телеграмите", свирејќи на хармоника. Неговите искуства се живописни, а понекогаш се случува да мора да ја цензурира содржината на она што му е побарано да го соопшти. Една од пораките која требало да ја пренесе опишувала некакво искуство со дроги, содржела имиња на конкретни клубови и луѓе, и иако Роланд одлучил да изостави некои од деталите човекот што ја испратил сепак го частел...пакетче марихуана.

Најчести муштерии му се мажите кои според него повеќе од жените имаат проблем да искажат некаква емоција. Некој за да го привлече вниманието на девојката која му се допаѓала дури нарачал авион со банер „Те сакам". Но тоа не ѝ оставило впечаток - работата ја завршила токму пеената телеграма.

Роланд инаку има издадено три албума во последниве неколку години, го основал колективот Рајот Фолк со кого изведуваат перформанси на актуелни политички теми, а има организирано и велосипедска тура наречена Трени Роадшоу со која има поминато повеќе од 6,000 километри. Кога не настапува работи како болничар во Berkley Free Clinic, медицинска установа во која работат исклучиво од волонтери.

16 февруари 2014 - 15:42