Еден ден, Дејвид Кингсли, развоен биолог на Стенфорд, си шетал низ мал аквариум во Масачусетс, кога забележал необично животно - риба со шест нозе и пердувести перки. Наречена морска црвеногушка (sea robin), таа го потсетила Кингсли на кентаур, митското суштество кое е половина коњ, половина човек.
„Никогаш немав видено нешто такво, кое е составено од делови од тела на голем број различни животни“, изјавил тој.
Заинтригиран од наодот, одлучил да ги истражи овие чудни суштества. Оваа недела тој и неговите колеги ги објавиле наодите во две нови студии во списанието Current Biology.
Mорските црвеногушки ги користат екстремитетите слични на нозе за да се движат по океанското дно, де одејќи, де пливајќи, во зависност од она што е поефикасно. Тие можат да ја движат секоја нога индивидуално, што ги одделува од други видови риби, кои за движење користат перки.
Некои од видовите морски црвеногушки, како Prionotus carolinus, ги користат нозете за да ископуваат плен од под песокот (толку се добри во ловот што други риби опортунистички ги следат наоколу). Кога истражувачите погледнале од поблиску, сфатиле дека тие им се покриени со сензорни „испакнатини“ (папили или пупки), слични на човечките сетила за вкус. Тоа значи дека рибите ги користат своите нозе за да ги почувствуваат хемикалиите (вкусот) на потенцијалниот плен.
Како цицачи, мислиме дека сетилата за вкус се лоцирани само во устата. Како би изгледало кога би можеле да вкусуваме со рацете? Токму тоа го прави оваа риба, благодарејќи на генот tbx3a, кој постои стотици милиони години - тоа е истата варијација која е одговорна за појавата на екстремитети кај луѓето.