Maкс Рихтер (49) е еден од најактивните современи композитори, чии дела се мешавина на современа класична и алтернативна музика. Германец кој живее во Британија, тој има класично музичко образование, но во младоста бил под големо влијание на панкот и различните форми на електронска музика.
Има пишувано за театар, опера и балет. Негова е музиката за филмовите Shutter Island, Waltz with Bashir, The Congress и Perfect Sense, a последната поставка на негов балет во Кралската опера во Лондон е инспирирана од делата на Вирџинија Вулф. Особено е интересна неговата обработка на „Четирите годишни времиња" на Вивалди:
Деновиве тој е актуелен по нешто што се опишува како „најдолго парче класична музика на сите времиња" - осумчасовна приспивна композиција, која авторот ја опишува како „заспивалка за френетичниот свет". Премиерата ќе биде во Берлин овој септември, со тоа што изведбата ќе започне на полноќ и ќе трае до осум наутро, а публиката ќе биде легната во кревети. Композицијата е за пијано, жичани инструменти, вокали и електроника.
„Ова е експериментален обид да се разбере како искусуваме музика во различни состојби на свеста", вели Рихтер, чиј соработник на проектот е неврологот Дејвид Иглман. Неговата книга „Сума: четириесет приказни од задгробниот живот" Рихтер ја преточил во опера во 2011. Ќе биде издадена и пократка, едночасовна адаптација, а обете верзии ќе бидат достапни како дигитален албум под етикетата на Дојче Грамофон.
Еве тизер за делото - ако ви се приспие, не е до нас