„Оскарот“ за храна оди кај Бразилка која ја користи моќта на бактериите

Светската награда за храна се доделува од 1987, а оваа година оди кај микробиолог од Бразил, која пронашла начин како бактериите од почвата да ги зголемуваат приносите.

Мисијата на Фондацијата за светската награда за храна е „да се инспирираат иновации и акција за одржливо зголемување на квалитетот, квантитетот и достапноста на храна за сите“. Признанието е воведено во 1987, а наградата во готово изнесува 500.000 долари. 

Оваа година сумата оди кај Мариангела Хунгрија, микробиолог од Бразил, која со децении трагала по бактерии во почвата кои можат да дејствуваат како ѓубриво и да ги зголемат приносите на фармерите. 

Хунгрија ја поминала целата своја кариера како научник во Бразилската истражувачка корпорација за земјоделство, легендарна институција која е заслужна за претворање на Бразил во земјоделска супер-сила. Пред педесет години, оваа земја била увозник на храна. Денес, таа е најголем извозник на зрна соја и неколку други важни житарици. Бразил ги има поминато САД станувајќи лидер во задоволувањето на апетитот на Кина за соја. 

Љубовта на Хунгрија за наука била поттикната од нејзината „магична баба“ која ја научила за градинарството. Таа ѝ дала и книга за животот на микробиолозите, што ја одредило понатамошната судбина. Докторирала на Универзитетот во Рио и почнала да работи за спомнатата корпорација во 1982. Во голема мерка таа ги следи чекорите на пионерката на бразилската наука, Јохана Деберајнер, која започнала да ги лови микробите корисни за зголемувањето на продуктивноста на приносите. 

Хунгрија изолирала корисни соеви бактерија наречена ризобија, која живее во коренот на зрната соја, го собира азотот од воздухот и го претвора во форма која го храни растението. Таа исто така ги документирала корисните својства на друг вид почвена бактерија, азоспирилум, која создава хормони кои го стимулираат растот на корените, овозможувајќи растенија како пченка, жито и ливадска трева подобро да ги складираат хранливите состојки.

Се уште има дебати колку се ефикасни овие бактерии на различни почви и во различни климатски услови. Но барем во Бразил студиите покажуваат дека микробите им овозможуваат на земјоделците да добијат добри приноси користејќи помалку хемиски препарати, да заштедат пари и да не ѝ штетат на околината. 

Хунгрија е втора истражувачка од истата институција која ја добива Светската награда за храна. Претходниот добитник, Едсон Лобато, беше пионер во одгледувањето житарици во голем регион на мочуришта и ретки дрвја наречен Серадо. До пред 50 години тој бил сметан за несоодветен за земјоделие поради киселоста на почвата. Но научниците покажале како селаните да додадат варовник и други материјали и да го претворат во продуктивни полиња за соја. Со ова им помогнале и на помалите производители кои типично не биле поддржувани од страна на државата. 

Хунгрија ќе ја искористи наградата за да основа нов фонд кој ќе им оддаде признание на жените кои работат во полето на земјоделието, микробиологијата и кои им помагаат на луѓето со посебни потреби. 

16 мај 2025 - 08:38