Оомантија е една од оние „мантии“ (како хиро-мантија, или читање на линиите на дланката) за кои до сега не бевме чуле. Иднината тука се пророкува со пуштање цело неварено јајце или само на белката во чаша вода и читање на линиите што таа ги остава.
Методот се спомнува во рамки на повеќе прослави, но особено на оние поврзани со Новата година. Така, во растечената белка се барал одговор за идниот сопруг или за тоа дали некој е урочен или му е фрлена клетва. Ова првото било нарекувано „Чашата на Венера“ и се играло како денешните „парти гејмс“.
Но во древни времиња методот се користел и за утврдување на бројот и здравјето на неродените деца. Јајце се поминувало врз стомакот на бремената а потоа внимателно се кршело во вода. Една жолчка значело раѓање на едно дете, двојна на близнаци. Ако жолчката имала црвена линија тоа се сметало за лош знак, можност за спонтан абортус или компликации при раѓање.
Истиот метод знаел да биде употребен и за пострашни нешта, на пример за докажување дека некоја жена е вештерка, како во текот на судењата во Салем во 17 век. Една од обвинетите во чашата видела мртовечки сандак, што значело дека ќе умре пред да се омажи. Веднаш потоа следела парализа на нејзините екстремитети, хистерија и „ѓаволско“ однесување, што според судиите докажувало дека таа е жртва на вештерство.
Јајцата генерално биле користени за различни магиски но и медицински цели. Оние од був наводно лечеле алкохолизам, прав пронајден под јајце на тн. „подбивна птица“ (mockingbird) лечел од болно грло. А оние користени за читање на иднината не смееле да се јадат по процедурата, туку требало да се закопаат длабоко во земја, подалеку од домот.