Окултната книжарница на сер Артур Конан Дојл

Звучи парадоксално - креаторот на најголемиот логичар и дедуктивец помеѓу книжевните ликови, славниот детектив Шерлок Холмс, самиот бил убеден дека може да се комуницира со мртвите и дека постојат духови. За да ја промовира оваа идеја отворил и репозиториум на литература и предмети од оваа област, во срцето на Лондон. 

Кога на 6 февруари 1928 полицаецот кој се нашол на лице место ѕирнал во „Окултната книжарница“ во Лондон, забележал голем метеж. Книги и хартии лежеле на подот, а фиоките биле очигледно пребарувани. Што е уште поважно, некој го нарушил достоинството на еден „сер“ - Артур Конан Дојл, славниот креатор на Шерлок Холмс.

Неговата книжарница сепак не била жанровски фокусирана на детективска литература, туку на спиритуални мистерии. Писателот бил опсесивно заинтересиран за окултното, тврдејќи дека е можно да се комуницира со мртвите. Неговата убеденост била толку голема, што тој потрошил голем дел од своето богатство и од своето време создавајќи книжарница во која ќе можат да се најдат значајни дела од оваа област. 

Ова е необично имајќи предвид дека ликот којшто тој го создал, Холмс, е крајно прагматичен, користејќи логика и дедуктивна моќ за да разреши некои од најкомплицираните случаи. Неговиот креатор бил подготвен да го отфрли разумот и да се предаде на својата фасцинација од спиритуализмот. Станал убеден во ваквите моќи откако некој негов пријател го вклучил во експеримент на „мисловен трансфер“, повторувајќи цртежи кои Дојл ги правел на лист скриен од неговиот поглед. Во 1917 објавил статија во списанието „Метрополитан“ под наслов „Мојата конверзија во спиритуализмот“. Според некои толкувања ова се должи на смртта на неговиот син, но тоа се случило подоцна, во 1918, кога Кингсли Дојл починал од последици на пневмонија откако бил ранет во битката на Сома. 

„Според пораките кои ги добивам од оностраното, ние сме на овој свет пред сè за да работиме на нашиот личен развој. Нашата цел се ангелите, а кога ќе станеме како нив, или кога самите ќе станеме ангели, ќе влеземе во рајот, кој е многу километри над Земјата во она што е познато како седма или надворешна сфера...по смртта прогресираме од еден круг до друг додека не го постигнеме највисокото ниво“, изјавил тој во интервју од 1925. 

Во еден момент Дојл го поканил својот пријател Хари Худини на сеанса со која раководела неговата втора сопруга, Џин, со надеж дека ќе ги освои симпатиите на славниот магионичар. Но и покрај обидите на Џин да искомуницира со мртвата мајка на Худини, илузионистот не бил убеден. Најпрвин, неговата мајка не знаела да пишува на англиски, а Џин го правела токму тоа во нејзино име. Второ, неговата мајка била Еврејка, а била повикувана меѓу другото со исцртување крст. Но Дојл не бил разочаран, сметал дека Худини се преправа бидејќи и самиот наводно користел натприродни сили за да ги оствари своите бегства. 

Во 1925 тој испратил писмо до спиритуалистичкиот магазин „Лајт“, обелоденувајќи ги своите планови да направи репозиториум на литература која се однесува на темата, „на една од најцентралните позиции во Лондон“. Тоа и се случило, а книжарницата била сместена недалеку од Вестминстер Еби. Набргу повеќе од 100 луѓе ја посетувале дневно, иако некои од муштериите биле само заинтересирани да го сретнат авторот. Помеѓу вработените била неговата најстара ќерка, а освен што тука можеле да се купат книги, тие можеле и да се позајмат, бесплатно. Тој лично дури организирал и достава за муштериите кои не можеле да дојдат до Лондон.

Наскоро ја проширил идејата и со нешто што требало да изгледа како музеј, и да вклучува не само печатен материјал туку и предмети, како на пример „труба“ која наводно била соодветниот метод за комуникација со духови. Тука изложувал и слики за кои тврдел дека се направени под влијание на духови, фотографии од духови на умрени миленици и - најнеобичното - пар восочни раце. Според Дојл тие му припаѓале на дух кој постигнал состојба на ектоплазма - ентитетот ги потопил своите раце во восок пред да се дематеријализира, оставајќи ја зад себе само оваа трага. 

И покрај извесни проблеми како спомнатата кражба (кога биле однесени само некакви поштенски марки), книжарницата го надживеала Дојл кој починал во 1930. Таа останала симбол на неговата опседнатост со задгробниот живот, мистерија која ни неговиот славен детектив не успеал да ја разреши до крај. 

извор

7 октомври 2022 - 20:31