„Јазикот е жива материја“. Оваа по малку излитена, но сосема реална изрека се потврдува низ се' поголемиот број заемки кои циркулираат низ различни светски јазици. Но иако вообичаено позајмувањата се вршат од глобално најмоќниот англиски, важи и обратното. Во случајов англискиот сè почесто и се повеќе зајми од јапонскиот.
Со оглед на зголемениот број меѓународни туристи во Јапонија, како и на растечкиот глобален интерес за јапонската култура, не е изненадување што Оксфордскиот речник на англискиот јазик (OED) повторно внесе нови јапонски зборови во англискиот лексикон. Ова се случува помалку од две години откако, во 2024 година, беа додадени 23 јапонски термини – главно поврзани со храната, како „сантоку“ - нож со кратко и дебело сечило кое закривува на врвот и „кацу“ - парче месо, поховано со брашно, јајце и трошки кое откако ќе се испржи се сече на тенки ленти.
За разлика од тогашната гастрономска ориентација, новата листа од 11 поими е многу поразнолика и на моменти изненадувачка. Меѓу најочигледните е зборот „сенпаи“ – термин добро познат на љубителите на манга и аниме, што означува постар колега или претходник, најчесто во училишен или работен контекст. Речникот оди чекор понатаму и го вклучува и неговото поп-културно значење: личност што некој ја обожава и чие внимание го посакува.
Тука се и „јоокаи“, натприродни суштества и духови од јапонскиот фолклор, кои денес се широко присутни во популарни аниме-серии, како Демон слејер.
„Сенбеи“, оризовиот крекер, им е познат на многумина што купувале јапонски грицки, додека „Вашлет“ – бренд што стана синоним за високотехнолошки јапонски тоалети – е уште еден пример за културно „меко влијание“.
Но листата оди и кон поезотерични термини, како „нагината“, традиционално оружје со закривено сечило, историски поврзано со жените-воини. Иако културно значајна, оваа направа тешко дека е дел од секојдневниот речник на современиот свет. Зачудува и изборот на поими како „екидeн“ (долга штафетна трка), „Вајт деј“ (јапонски празник на 14 март како одговор на Денот на вљубените) и „ПечаКуча“, формат на кратки, динамични презентации. На крај, вклучувањето на „браш пен“ (четка-пенкало за калиграфија) и изразот „мотаинаи“ („штета е“, „каква загуба“) отвора прашање: дали навистина овие зборови се доволно присутни во англискиот јазик за да заслужат место во речникот?
Можеби одговорот е едноставен – јазикот си го наоѓа патот сам. Или, како што велат Јапонците: шоуганаи – „нема чаре“. Којзнае, можеби и овој збор ќе се најде во списокот следната година.