Во 2011 Соломон Мони Адизес и неговиот син Исак со семејството слетуваат на скопскиот аеродром. Тоа е нивно прво доаѓање во Македонија по педесет години. Нивните последни спомени се поврзани со калдрмата која води до тутунскиот монопол, кој служел како собирен центар, од каде македонските Евреи со возови се транспортирани до нивното последно одредиште - Треблинка. „Ќе работите во Бугарија“, им било кажувано, додека чекале сместени во малите простории на монополот, без вода и со насетување дека тоа се нивните последни денови. Малиот Исак тогаш ѕиркал од прозорецот кон езерцето во дворот на фабриката во кое пливале рипки, но од истата перспектива видел и како ги качуваат во воз неговите дедо и баба.
Документарецот „Јас сакам да се сетам, тој сака да заборави“ од таа, 2011 година ја документира нивната посета на Скопје, одењето по истата таа калдрма, низ скопската чаршија која некогаш била полна со дуќани на Евреи, срдечните средби со старите познаници, но и соочувањето со безразложна нетрпеливост од страна на некои нови скопјани. Кога сакаат да ја посетат некогашната куќа на братот на Соломон, Леон (спроти Соборниот храм), сопствениците најпрвин им трескаат врата пред нос, а потоа агресивно ги бркаат од дворот. Тогаш Исак вели - „Кога дојдовме во Израел се населивме во куќа од која избегале Арапи. Земавме од други како што беше земано од нас. Сега се прашувам како би ми било доколку тие би дошле и би си ја барале куќата назад. Сочувствувам со нив.“
Семејството успеало да се спаси од монополот со поткуп на бугарски војник. Тој им рекол да го соберат семејството и да бегаат. Но роднини имало многу а едно од внучињата очајно молело да го земат со нив. Одлуката била тешка, ама Мони морал да ја донесе - со жената и синот заминуваат преку Охрид во Албанија, каде во тоа време антисемитизмот уште нема земено замав. Се населуваат во мала куќа во Шкодра. На домаќините им се претставуваат како Турци и се обидуваат да ги запазат сите исламски обичаи, вклучително и да постат за Рамазан. Откако Мони успева да спаси една жена од ампутација на раката, благодарејќи на своето искуство како болничар во Првата светска војна, сите го завикуваат „доктор“. На средбата по половина век тој мисли дека открива тајна кога на софра пред некогашните домаќини конечно се отвараат картите. Ним цело време им било јасно - и дека семејството било еврејско, и дека тој не бил асли доктор, но очигледно тоа не им правело разлика. Семејството Адизес, откако по две и пол години криење во Албанија заминува за Израел, го исполнува заветот - дека кога ќе се вратат ќе платат за бунар во дворот на куќата.
Филмот е преполн со интересни детали и приказни, за животи кои во целата воена трагика се вмрежиле преку солидарност и човечност.
Целиот може да се погледне тука.