Иако се насликани во растојание од 50 години, на различни краишта од Европа, „Баханалиите на островот Андрос“ на Тицијан и „Селска игранка“ на Бројгел прикажуваат толпа народ споена во див но сепак елегатен ритуал, во кој има простор за голем број детали.
На првата Бахус великодушно раздава вино и на мажи, и на жени, и на деца. На земјата лежи гола нимфа, а генералната атмосфера е оргијастичка. Во долниот средишен дел од сликата се наѕира некаков текст, кој е всушност композиција која му се припишува на Адриен Вилаерт, фламански композитор активен на дворот на семејството Ферара. Стиховите гласат: „Оној кој пие, и не пие повеќе, не знае што е пиење“. Кај Бројгел пак селаните се занесени од звукот на гајдите, едно момче носи бокал вино под опасно накривен агол, а селски пар танцува фатен за рака. Човек седнат до гајдаџијата на капата носи пердув од паун, симбол на суета и гордост.
Без оглед дали станува збор за фламански селани или венецијански аристократи, друштвото е она што е најаважно за добра журка, и во уметноста и во животот. Но токму Бројгел бил оној кој ја започнал холандско-фламанската традиција на сликање вакви пијани настани, од кои и самиот бил дел. Сликарот и неговите пријатели се облекувале како селани, упаѓале на свадби и слави тврдејќи дека се поканети, локале пиво и се прејадувале палачинки. Во „Селска свадба“, уште едно негово познато дело, палачинките се носат на дрвени носилки до заседнатите гости во еден амбар. Во својата „најгуста“ слика, „Борба помеѓу карневалот и постот“ (слика најгоре), тој вклучува толку многу детали што тие никогаш не можат да се восприемат истовремено. Има тука и висење од прозорци, и носење маски и улична храна - забавата како никогаш да не запира. Само што тоа сепак ќе се случи, кога ќе настапи постот.
Но во ренесансна Венеција старите ритуали се нарушени од уметници на кои не им е важно кое доба од годината е. Тие, како и нивните богати клиенти, само сакаат да се забавуваат. Тицијановиот млад пријател Веронезе го однел венецијанското сликарство до провокативни екстреми. Кога му било нарачано огромно платно на „Последната вечера“ за венецијански манастир, тој изгледа си рекол: „Чекај малку, вечера за 13 души во специјално изнајмена просторија, тоа е не последна вечера, тоа е сериозна забава!“. Така, ја насликал оваа сцена со келенери кои носат вино, забавувачи, џуџиња и откачно облечени ученици на Исус. Очекувано, описот на една од најсветите новозаветни сцени како пијана журка не наишло баш на одобрување кај Инквизицијата. Веронзе бил повикан пред верски суд за да објасни зошто поставил „Германци“ - познати по своето пиење - и други сомнителни типови во неговата „Последна вечера“. Тој одговорил дека уметникот треба да има дозвола да се зафркава. Наместо да ја промени сцената, тој едноставно ја преименувал во понеутралното „Вечера во куќата на Леви“.
Во „Фабриката“ на Енди Ворхол во 1960-тите журката не престанувала. Тој го претворил своето студио на Менхетен во игралиште, со сребрена фолија по ѕидовите, балони и камери, во кое се забавувала мешавина од вработени во студиото, славни гости, посетители и домашниот бенд „Велвет андерграунд“. Сепак, колку и да звучат весело, овие забави понекогаш биле обвиени со доза меланхолија, како што сведочат сочувани фотографии на кои младиот Лу Рид, седи осамен a пред него куп празни шишиња. Можеби слично на атмосферата на серијата „Последната вечера“ на Ворхол базирани на делото на да Винчи - некои од нив по атмосферата како да го акцентираат тоа дека вечерата е „последна“.
Дефинитивен приказ на „денот потоа“ сепак е скулптура на Демиен Хрст од 1995, под наслов „Забава“. Станува збор за огромен пепелник со еден куп испушоци и пепел собран од различни забави. Велат доволно бљак за човек и да е мамурен наутро да се отрезни.
извор