Симонета Веспучи, која се смета за инспирација за ликот на Венера во славната „Раѓањето на Венера“ на Сандро Ботичели, починала во 1476 година на само 23-годишна возраст. Со векови се верувало дека причината за нејзината смрт била туберкулоза, тогаш една од најсмртоносните болести.
Во 2019 година, тим предводен од професорот Паоло Поцили од Универзитетот „Квин Мери“ во Лондон понуди поинаква хипотеза. Анализирајќи ги портретите што му се припишуваат на Ботичели и историските записи, истражувачите забележале постепени промени во цртите на лицето на Симонета – особено на вилицата, челото и меките ткива. Според нив, тие промени можат да бидат карактеристични за аденом на хипофизата, тумор на жлездата што ги регулира хормоните.
Истражувачите претпоставуваат дека туморот лачел хормон за раст и пролактин, што со текот на времето може да предизвика промени на лицето, а во одредени случаи и неочекувано лачење млеко – симптом за кој тие гледаат можна алегориска претстава и во едно дело на Ботичели. Тогаш тие нагласија дека не станува збор за доказ, туку за медицинска интерпретација заснована на уметнички и историски извори.
Во новата студија, објавена во списанието Endocrinology, Diabetes and Metabolism, научниците одат чекор понатаму. Според нив, ненадејната смрт на Симонета најверојатно била предизвикана од тн. апоплексија на хипофизата – состојба при која туморот нагло крвари или отекува. Таа може да предизвика силна главоболка, губење на видот, збунетост и брзо влошување на состојбата, што многу повеќе одговара на историските описи отколку туберкулозата, која обично напредува постепено.
Хипотезата се темели на три главни аргументи. Првиот се постепените физички промени што се забележуваат на портретите на Симонета, создадени во различни периоди. Вториот се описите во писмата од тоа време, каде се споменуваат нејзиниот ненадеен колапс, силните главоболки, халуцинациите, повраќањето и треската – симптоми што потсетуваат на апоплексија на хипофизата. Третиот се два настани непосредно пред смртта: колапс за време на танц и наводен насилен инцидент со Алфонсо Втори Арагонски, кои, според авторите, можеле да предизвикаат крварење или нагло зголемување на туморот.
Научниците сепак нагласуваат дека нивната теорија не може да се потврди со сигурност. Не постојат биолошки примероци или современи медицински снимки од 1476 година, па заклучоците се засноваат на комбинација од уметнички дела, историски документи и современи медицински знаења. Според нив, ова истражување покажува дека медицината може да понуди нови одговори за историски мистерии, додека историјата и уметноста можат да ѝ помогнат на медицината подобро да го разбере развојот на одредени болести низ времето.