Новинарството на филм: за „Скуп“, новиот филм за скандалозното интервју со принцот Ендрју

Интервјуто на Би-би-си во програмата Њузнајт од 2019 потсетува на оние телевизиски соочувања „еден-на-еден“ кои повеќе личат на судски процес, кога субјектот нема каде да се крие од добро информираниот обвинител. Сега Нетфликс направи филм за него, кој не зборува толку за последиците по кралското семејство, туку повеќе за тоа каква е моќта на квалитетното новинарство.

„Круната“ можеби заврши, но Нетфликс се уште не раскрстил со британското кралско семејство. Во драматизација на релативно неодамнешен настан, новиот филм „Ексклузива“ (еден од можните преводи на Scoop) ги опишува околностите кои довеле до денес антологиското интервју на Би-би-си со принцот Ендрју, во кое прв пат тој зборуваше за своите врски со осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, при што ги отфрли сите обвинувања за соучесништво во мрежата на сексуална експлоатација на малолетни девојки.

Интервјуто не му ја донесе очекуваната јавна аболиција. Напротив - среде скандалот кој на овој начин уште повеќе се прошири, третото дете на кралицата Елизабета Втора се повлече од своите јавни должности.

Режисер на филмот е Филип Мартин, истиот кој работеше и на седум епизоди од „Д Краун“. Приказната ја следи продуцентката Сем МекАлистер додека таа обезбедува интервју со принцот за водителката на Би-би-си Њузнајт, Емили Метлис (ја игра Џилијан Андерсон). Фокусот е токму на подготовките, а самото интервју е прикажано со 10-минутна ударна секвенца која претставува буквална реконструкција на она од 2019. 

Ја следиме брилијантната новинарка која, иако од продуцентот добива задача да нападне уште во првата минута, полека го извлекува јажето кое самозаљубениот и разгален Ендрју самиот ќе си го врзе околу вратот. Секако, нејзината изведба зависи од цел новинарски тим и од мал милион детали кои треба да се склопат за да се добие одлично новинарско парче.

Интересно е што истата приказна ќе биде наскоро екранизирана и како мини-серија на Амазон под наслов „Многу кралски скандал“, со Мајкл Шин во улогата на принцот и Рут Вилсон како новинарката. И таа веројатно ќе ја потврди истата вистина - дека еден час на телевизија може да промени сè. 

 

9 април 2024 - 20:02