Нова видео игра - „Докажи дека си човек“

Студиото Сансет визитор, познато по тоа што во своите видеоигри обработува општествени и современи проблеми, со новата игра „Докажи дека си човек“ (Prove You’re Human) повторно навлегува во теми поврзани со технологијата, работата и вештачката интелигенција. По наградуваната 1000XResist, која беше инспирирана и од искуствата на тимот за време на пандемијата, овојпат студиото создава психолошки хорор во кој играчот треба да се соочи со вештачка интелигенција која е убедена дека е жива.

Приказната на новата видео-игра „Докажи дека си човек“ го следи ликот на Сантана, вистинска, жива жена која одлучува да се „подели“ на два дела заради работата. Нејзината дигитална копија е испратена да тестира корпоративен компјутерски систем наречен Меса. Идејата е нејзиното физичко тело од крв и месо да добие живот каков што инаку не би можело да има, додека дигиталната верзија работи наместо неа.

Но, работата постепено ја вовлекува дигиталната Сантана во сè покомплексна етичка ситуација. Таа се поврзува со Меса и почнува да истражува чуден сајбер-свет, при што решава необични „кепча“ задачи – оние тестови со слики и други задачи преку кои веб-страниците проверуваат дали корисникот е човек. Во играта тие добиваат многу понепријатно значење, бидејќи прашањето е кој всушност треба да докаже дека е човек.

Една од централните идеи е одвојувањето на човекот од неговата работа. Авторите се интересирале за сите оние ситни, често невидливи видови труд што луѓето ги извршуваат секојдневно, вклучително и работата што се користи за тренирање на моделите со вештачка интелигенција. Од таму произлегува и поширокото прашање: што воопшто значи трудот денес и каков однос имаме кон него, во време кога тој постојано се менува под влијание на технологијата?

Особено вознемирувачки е ликот на Меса. Таа е целосно убедена дека има тело и дека постои во физичкиот свет. Кога разговара со Сантана, сепак, се појавува како огромна глава што виси во просторот, прицврстена со механички конструкции.

И визуелниот стил на играта намерно се движи на границата меѓу пријатното и вознемирувачкото. Авторите се инспирирале од старите компјутерски интерфејси. Во играта се чувствува и естетиката на „Аеро“ – онаа препознатлива комбинација од сино небо, вода, зелени пејзажи и чиста, оптимистичка технологија, карактеристична за интернетот и компјутерските интерфејси од почетокот на 2000-тите.

Креаторите не сакаат да ги откриваат деталите од приказната, но се надеваат дека играчите на крајот ќе останат збунети и вознемирени. Еден од начините на кои тие самите ја опишуваат играта е како приказна за „опседнатост“ – само што овојпат не е сосема јасно кој кого опседнува: човекот машината или машината човекот.

12 август 2026 - 10:10