Антоан-Жозеф „Адолф“ Сакс се родил во 1814 во Динан, денешна Белгија. Неговите родители биле дизајнери на инструменти, познати по тоа што направиле неколку значајни промени во начинот на кој и денес се изработува француската хорна. Адолф почнал да креира сопствени инструменти на рана возраст, а со две флејти и еден кларинет настапил и на натпревар кога имал само 15 години.
За неговата биографија е интересно дека често пати избегнувал нешто што изгледало како сигурна смрт. Како дете паднал од трети спрат, си ја удрил главата од камен и се верувало дека е мртов. Кога имал три години испил цела чинија киселина, мислејќи дека е млеко. Подоцна голтнал игла. Бил жртва на сериозни изгореници од експлозија на барут, неколку пати одбегнал труење и гушење, а еднаш паднал и во река. Мајка му често велела дека нема долго да живее, па сепак доживеал 79. Соседите го нарекувале „малиот Сакс, духот“.
Нему, како и на неговиот најпознат изум, им е посветена нова книга „Приказната за саксофонот“ од писателката Леса Клајн-Рансом и илустраторот Џејмс Е. Рансом, кои се брачен пар. Тие го замислиле како исклучително интелигентно дете на кое често му било здодевно, па токму и затоа влегувал во ризични ситуации, на пример качувајќи се на покриви (од каде еднаш паднал поради нестабилна ќерамида). Сепак, истата таа љубопитност го поттикнала во работилницата на неговите родители да измисли неколку инструменти, како парната органа, сакс тубата, еуфониумот, бас тубата и - саксофонот.
Според книгата, тој мечтаел за специфичен, нов звук. Не толку гласен како трубата, не толку мек како кларинетот, туку нешто точно на средина. Така се случило неговото ремек-дело, саксофонот.
„Луѓето често го нарекувале Ѓаволски рог“, вели Клајн-Ренсом. „Звучел премногу човечки, заводлив и секси“.
Иако на почетокот не било лесно, Адолф го вовел саксофонот во сите воени бендови во Франција, Прусија, Италија, Шпанија и Унгарија. Долг пат до Америките, каде бил трансформиран од страна на џез музичарите. Неговата репутација со време се зголемувала, па тој во 1857 добил и место на предавач на Парискиот конзерваториум.
Бидејќи станува збор за детска книга, некои детали се прескокнати, како тоа дека три пати банкротирал (често му ги краделе изумите и се судел со прекршителите), а страдал и од рак на усните. Починал во 1894 во Париз во сиромаштија. Неговата родна куќа во Динан, Белгија, денес е претворена во музеј. Неговиот инструмент и сега се слуша на градските улици, на свадби и погреби, во џез клубови и во најголемите концертни сали на светот.