Дејството на драмата ќе биде лоцирано во замислена верзија на Лос Анѓелес, a Вејтс во оваа херојска приказна со елементи на магиски реализам ќе го игра Цезар, свештеник кој од својата црква раководи со некаква герила-хуманитарна акција со сомнителна позадина. Неговиот лик е опишан како „гордо анти-авторитарен".
Ова е прв актерски ангажман на музичарот откако тој последен пат се појави во мрачната комедија „Седум психопати" во 2012, со Колин Фарел и Сем Роквел. Од тогаш тој само го има позајмено гласот во епизода на „Симпсонови". За Гомез-Рехон ова е пак прв проект по неговиот споменат дебитантски филм, а ќе го снима за онлајн стриминг сервисот Хула.
Што се однесува пак до омилените филмови на Вејтс, тој никогаш нема составено посебна листа, но луѓето од филмската збирка Критерион - архива значајни класични и современи филмови кои се објавуваат со највисок технички квалитет - врз основа на интервјуа и референци во негови песни ја составиле оваа:
La Strada, Federico Fellini
Zatoichi: The Blind Swordsman
Putney Swope, Robert Downey, Sr.
Сè од Carl Theodor Dreyer
Amarcord, Federico Fellini
8 1/2, Federico Fellini
The Night of the Hunter, Charles Laughton
Wise Blood, John Huston
Two-Lane Blacktop, Monte Hellman
Eraserhead, David Lynch
Pickup on South Street, Samuel Fuller
Ikiru, Akira Kurоsawa
Vernon, Florida, Errol Morris
In a Lonely Place, Nicholas Ray
Најинтересно ни изгледа спомнувањето на Карл Теодор Дрејер, дански режисер кој според голем број критичари е еден од најголемите во историјата на филмот. Помеѓу 1915 и неговата смрт во 1968 има снимено десетина кратко и долгометражни филмови, меѓу кои најпознати се „Страдањето на Јованка Орлеанка" од 1928 и „Вампир" од 1932.
Првиот е прогласен за највлијателен филм на сите времиња според кураторите на Меѓународниот филмски фестивал во Торонто во 2010. Тој е нем, со француски меѓу-титлови, и во оригинал трае скоро два часа, прикажувајќи го судењето и егзекуцијата на Орлеанка. На времето предизвикал бура реакции од француските националисти околу тоа дали некојси Данец може да режира филм за една од најсаканите историски фигури во Франција. Заради тоа се прикажувал во различни, цензурирани верзии, додека на крај не е пронајден во оригиналната монтажа во психијатриска институција во Осло. Дрејер не им дозволувал на актерите да ставаат шминка, туку ефектите на нивните лица ги правел со играње со светлина. За да се постигнат ниски агли на камерата, пак, актерите често стоеле во за тоа посебно ископани дупки.
Целиот филм тука