Европа сади дрвја за да успори еколошката катастрофа, но е погодена од големи пожари. САД инвестира во енергетски извори во странство за да ја намали зависноста од фосилни горива, но запаѓа во сомнителни зделки со тамошните корумпирани власти. Во меѓувреме, коалиција на земји од глобалниот југ мора да одлучи дали ќе прифати градежни заеми од Кина или од САД.
Ова не се разговори на уште еден глобален самит, туку сценарија предвидени во друштвената игра „Дејбрејк“, која ќе биде промовирана оваа пролет.
Во компетитивниот свет на друштвените игри, повеќето наслови вклучуваат тотални победи над соиграчите. Но новиот жанр на тематски игри кои имаат врска со екологијата и климата, креаторите одат на тоа соработката да биде клуч на успехот.
Така постапил и Мат Ликок, авторот на „Дејбрејк“, кој претходно ја има направено хит-играта „Пандемик“. Тој и неговиот колега-дизајнер Матео Манпејс ја истражувале темата и разговарале со невладини организации за да ја направат што пореална. Ова секако не е прва игра која допира еколошки прашања, такви претходно се „Вингспен“, „Каскадија“, „Фотосинтезис“ и други.
Во моментов индустријата на друштвени игри и сложувалки тежи 11 милијарди долари, а помеѓу 2019-2021 е порасната за дури 20%, главно поради пандемиската досада и дигиталниот замор. Сепак, голем број од игрите не се само за забава. Според истражување од 2018, играњето само на една единствена партија од климатската игра „Кип кул“ го зголемила чувството на одговорност на играчите кон околината и свесноста за важноста на соработката. И други истражувања покажале дека игрите претставуваат „поедноставена алтернатива на прекумерно комплицираната научна комуникација“ и дека „портретирањето на реалноста на високо концентриран и поедноставен начин“ им помага на играчите да ја концептуализираат климатската криза.