Носталгичните мисли за минатото често се врзуваат за начинот на кој нашите баби подготвувале она што денес се нарекува „слоу фуд“ - чорби, манџички, пити, васини торти. Оттаму, идејата наместо познати готвачи, најчесто мажи, да се ангажираат „обични“ баби е генијална. Кога на ова ќе се додаде и нивното различно културно и гастрономско потекло, тоа е место во кое навистина би сакале да јадеме.
Во случајов се работи за енотеката Марија на Стејтен Ајленд во Њујорк, чија кујна ја раководат, со ротирање, „нони“ од Шри Ланка, Египет, Перу, Јапонија, Узбекистан, Аргентина. И сето ова како дополнување на основното мени на италијанска храна.
Концептот е произлезен од желбата да се возобноват спомени, откако сопственикот ги загубил мајка си, по потекло Италијанка, во чија чест местото го носи името и баба му. Првите неколку месеци биле катастрофални, но кога почнал со концептот на бабите се барала маса повеќе. Ресторанот работи три дена во неделата, а последната нарачка е во 19:30 за жените кои се во години да не се преморуваат.
Тоа жените да се ротираат се наметнало како потреба откако станало јасно дека две нони од ист регион на Италија не се трпат во една кујна. Сега различните комбинации не предизвикуваат конфликт бидејќи едната не знае што прави другата. Има и жени кои гостуваат само еднаш годишно при нивната посета на САД, како бабичка од Тајван. Единствен проблем понекогаш е набавката на сите потребни состојки - готвачките реагираат ако тие не се сосема исти по вкус и квалитет како „нивните“. Така, една баба од Грција не била задоволна со фетата што ја купил сопственикот, па си донела своја која тој ѝ ја откупил.
Има и интересни ситуации кога муштериите посакуваат да готват со бабите за да ги научат рецептите. Така Скаравела сфатил дека тука има потенцијал за „еден на еден“ курсеви, што истовремено овозможува пренесување на знаењето од една генерација на друга.