Ниту една од овие книги не постои. А што ако беше поинаку?

„Замислени книги: загубени, недовршени и фиктивни дела“ е нова изложба на повеќе од 100 текстови напишани или измислени од автори како Шекспир, Бајрон и Хемингвеј.

Во декември 1922, жената на Хемингвеј направила огромна грешка. Во тоа време, големиот писател имал 23 години и работел како репортер во Швајцарија. Неговата тогашна сопруга, Елизабет Хедли Ричардсон, требало да отпатува од Париз за Швајцарија за да му се придружи за Божик. Веројатно самата одлучила да му ги донесе белешките што ги имал правено додека бил дома, сите, спакувани во еден куфер. Пред да тргне возот, на кратко го оставила багажот за да купи вода. Кога се вратила, куферот со ракописите веќе го немало.

Но што ако тоа не се случело?

Нова изложба во Њујорк го содржи овој роман, под наслов „Најпрвин треба да се издржи“ (One Must First Endure), кој доколку излезел ќе му бил прв на Хемингвеј. Тука се и продолжението на „Со сила убавина не бидува“ (Love's Labour's Lost) на Шекспир, под наслов Love's Labour's Won, чие (не)постоење ги мачи шекспиролозите со векови, како и „Двојна експозиција“ на Силвија Плат, нејзин дополу напишан роман кој исчезнал околу 1970-та. 

Изложбата „Замислени книги: загубени, недовршени и фиктивни дела кои можат да се најдат само во други книги“ сега е достапна во клубот Гролие, друштво на љубители на книги основано во 1884 во Њујорк. Официјално таа е опишана како „делумно библиофилска забава а делумно концептуална уметничка инсталација“. Изложените текстови имаат само едно заедничко, а тоа е дека не постојат. 

Креатор на идејата е Рид Бајерс, кој поседувал листа со околу 400 замислени наслови, но ја скратил на 114 за потребите на настанот. Тој работел со книговезачи, калиграфи, печатари и уметници кои ги изработиле книгите, поточно само нивните корици. Содржината останува на имагинацијата на публиката. 

Изложбата е поделена во три категории. Загубените книги се текстови кои некогаш постоеле но се загубени. Недовршените вклучуваат дела кои биле прекинати од самите автори или уништени (како мемоарите на Бајрон кои биле запалени од неговите пријатели, што се нарекува „еден од најголемите злосторства во книжевната историја“). Во третиот дел се книги кои се целосно измислени и во склоп на други дела, како „Водичот за автостопери“ од истоименото дело на Даглас Адамс или „Нимфите и нивните методи“ која се спомнува во „Лавот, вештерката и долапот“. 

Изложбата ќе трае до 15 февруари 2025.

18 декември 2024 - 10:13