Саемот во Квинс, Њујорк, во периодот 1939-1940 бил домаќин на над 40 милиони посетители. Ова и денес е одлична бројка, но во тоа време речиси неверојатна со оглед на социјалниот контекст - малаксаноста во психолошка и економска смисла од Големата депресија и заканата од нова војна.
Њујорк Дејли Њуз ја подгревал ентузијастичната атмосфера. „Стотина танчарки, пливачи, акробати и чуда на природата пристигнаа за да ги отпочнат пробите за отворањето“, гласеле најавите. 19-метарска статуа на Џорџ Вашингтон се издигнувала над вештачки направената лагуна, во знак на прослава на 150-тата годишнина од неговата инаугурација. Франклин Рузвелт телевизиски се обратил од Саемот, со што станал првиот претседател кој воопшто се појавил на телевизија. Салвадор Дали бил ангажиран да направи надреалистичка бурлеска под името „Сонот на Венера“, која вклучувала знаителен број топлес пливачки, и јастози.
Сепак, разголените девојки и патриотизмот биле само дел од поширокиот концепт, кој имал врска со технолошката иднина. Посетителите можеле да искусат вистински иновации со практична примена: нешта како колор фотографија, флуоресцентни светилки или телевизиски сетови. А во еден од павиљоните, на компанијата Вестингхаус, и да се обидат да ја победат првата видео игрица.
Вестингхаус била помала компанија, но со големи амбиции да ја престигне Генерал електрикс во корпоративното индустриско истражување. Го најмила физичарот од Принстон Едвард Кондон и го ангажирала да работи на голем опсег проекти, од микробранова технологија до спектрометрија. Но Кондон забележал дека голем број од неговите вработени сакаат да се опуштат играјќи математичка игра под името „Ним“, со поставување купчиња жетони или парички. Играат двајца, и секој на својот потег отстранува онолку жетони колку што мисли дека е потребно за или да не биде последен, или ако биде да не остави ниту едно жетонче (во зависност од верзијата). За некој со математички ум Ним била лесна игра, но како би било да се игра против механички опонент?
Тој апарат со редици светилки кои ги претставувале жетоните бил наречен „Ниматрон“. Тежел еден тон и вклучувал 116 сијалички за кои биле потребни 3 километри бакарна жица. За разлика од другите технологии претставени на саемот, Ниматронот немал никаква друга намена освен да забавува. Можеби токму затоа станал еден од најпопуларните изуми на саемот, демонски брз и „злобен“ во победувањето на човечките противници. Секој играч кој успевал да го надмудри добивал комеморативна монета со натпис „Ним шампион“.
Машината не подразбирала програмирање, па можеби затоа на Кондон не му текнало дека ваквата „игра“ може да послужи како основа за развивање на компјутерска моќ. Додуша, тоа не била единствената атракција на истата компанија, која за саемот го произвела и Електро, робот кој можел да зборува. Од него има и телевизиска снимка: