Ординацијата на д-р Остојиќ

Ник Кејв е крив!

За романот „Смртта на Бани Манро" пишувавме пред неколку години кога тој уште беше тазе. Но последиците по читателите од него не стивнуваат. Еве една девојка која има голема мака од тоа што го чита и слуша Кејв. Но тука е литеротерапевтот за да ѝ помогне.

Драг докторе,

Не сум сигурна дали треба да ви се обратам вам, но вие сте ми последна надеж. Се викам Лидија и секој ден завршувам мокра до гола кожа. Не знам дали мојот проблем се состои од крајно лоша среќа или некоја чудна книга - во овој момент обете ми се чинат и неверојатни, и можни.

Секому му се случува да се намокри во текот на денот. Некој заборава чадор кога паѓа дожд, некого автомобил го полева со вода, некого случајно го залеваат со вода од чаша, некого намерно го прскаат со вода...Накратко, на луѓето повремено им се случуваат такви инциденти. Но мене ми се случуваат секој ден! И тоа трае веќе подолго од половина година: ме прскаат автомобили, настрешници, колеги, пријатели, минувачи, прскалки, фонтани, облаци...Секој ден нов бран. И секој ден доаѓам на работа мокра, а потоа дома исто така мокра. Со месеци влечам настинка. На работа почнуваат да се сомневаат и шефот нема особена доверба во мене. Пријателите ме избегнуваат за и тие да не се намократ. Моите родители ме тешат дека сум како цвет кого треба секојдневно да го полевате, но далеку сум јас од ружа.

Секако, кога го увидов проблемот, почнав да одам кај бајач, да читам верски и книги за самопомош, да купувам реликвии...ништо не помогна. Очајнички отидов кај матичниот, иако не знаев што да му кажам. Тој ме погледна и рече: „Единствен стручњак кој може да ви помогне е литеротерапевт. Ако тоа не е негово подрачје, тогаш сте се зафркнале". Главно, тој ми напиша упат и ми рече да ви пишам која книга најмногу ми се допаднала во последните неколку месеци.

Не читам многу, но ако морам нешто да издвојам, тоа е книгата „Смртта на Бани Манро“ на Ник Кејв, роман за пијан сексуален манијак и вдовец кој неуспешно се обидува да биде самохран татко на едно деветгодишно момче. Тоа ми остави впечаток, особено заедно со музиката на Кејв која често ја слушам последниве месеци. Немам поим каква врска би имало тоа со мојот проблем, но во последно време сè е толку бизарно што не би ме чудело ни да е самиот Кејв одговорен за сиот тој дожд и снег кој напаѓа оваа зима.

ОДГОВОР

Драга Лидија,

Без сомневање се обративте на вистинска адреса. Дури и да го немате споменатиот проблем, секако би морале да дојдете на преглед заради конзумирањето на Кејвовата уметност. Имено, сите уметнички дела на Ник Кејв делат одредена шармантно-депресивна поетика која многу ленсо може да го зарази читателот со меланхолично расположение. Сериозните земји ригидно пристапуваат кон овој проблем: Кејв е забранет во скандинавските земји во текот на зимата, на Нов Зеланд во текот на летото, а романот „Смртта на Бани Манро" е забранет во САД на денот на татковците. Хрватското здружение на литеротерапевти, со поддршка на Фондот за здравство, поднесе барање до хрватскиот парламент Кејв да се забрани во Хрватска барем во текот на есенската и пролетната рамнодневница, во време на нагла промена на времето. Имено, тогаш многумина метеопати запаѓаат во тескобно расположение кога е особено ризично да се чита Кејвовата поезија и проза. За жал, Парламентот го одби нашиот предлог.

Но каква врска има наведениот роман на Кејв и вашата тековна несреќа? Проблемот лежи во екстремно високата концентрација на течна материја во овој роман. На прв поглед тоа не е очигледно - романот говори за Бани Манро, патувачки трговец, зависник од алкохол и секс. Откако неговата жена извршува самоубиство, Бани тргнува на макотрпен пат со неговиот интелигентен син Бани Јуниор. Заплетот звучи 'суво', но да погледнеме повнимателно. Содржински течностите се екстремно важни и постојано се повторуваат како мотиви: алкохолот кој Бани го пие, течните сапуни кои ги продава, капките за очи кои му се потребни на неговиот син, вагиналната влага по која Бани воздивнува по целиот роман, идиличната слика на базенот на која Бани упорно и се навраќа, и самото дождливо финале на романот. Формално, пак, структурата на романот е идентична на васшите секојдневни маки: во секое поглавје не' заплиснува константен и секогаш незгоден прилив на нови испади на Бани и трауми за неговиот син. Вака конципиран, романот нужно се прелева во вистинскиот живот на читателот, заради што бројни читатели во целиот свет доживуваат сосема ист проблем како и вие.

Решението е едноставно: треба да му најдете антипод на влажниот и меланхоличен Кејв. Оттаму ви припишувам секојдневно исчитување на песните на Џон Бон Џови, летен кантавтор кој пее крајно суви песни, при што за вашето сушење особено ви го препорачувам албумот Blaze of Glory (Пламен на славата).

д-р Остојиќ

3 април 2013 - 09:37