Достоевски, Футлуз, Џенис Џоплин

Нереализираните проекти на Мајкл Чимино

Вчера 3.07. медиумите ја пренесоа веста дека на 77 години починал славниот режисер на „Ловец на елени" и „Сицилијанецот". Во текот на кариерата имал големи подеми и катастрофални падови. Но она што остава впечаток е и списокот на негови замислени, понекогаш и почнати, но никогаш нереализирани дела.

Во 1980 Чимино го снима „Рајската порта", за кого Холивуд му дал буџетски одврзани раце заради успехот на „Ловецот". Но епската вестерн приказна неколку пати го надминала планираниот буџет и катастрофално поминала на благајните доведувајќи го студиото до раб на банкрот. Ова оставило голема дамка во кариерата на Чимино, кој потоа многу тешко добивал пари за замислените проекти и престанал да дава интервјуа. Еве некои од нив, кои доколку се оствареле можеби немало да го памтиме Чимино само по елените.

„Злосторство и казна" и биографски филм за Достоевски

Достоевски му бил опсесија на Чимино, кој сепак не можел сам да излезе сценаристички на крај со славниот руски писател. Затоа, откако еднаш не успеал да го „спакува" „Злосторство и казна", го ангажирал славниот Рејмонд Карвер да ја напише приказната за нешто што требало да биде дефинитивна биографија на Достоевски. Во соработка со Тес Галагер (која подоцна ќе му стане жена), Карвер врз основа на претходен текст на рускиот писател Солжењицин составил сценарио од 220 страници, за кое уште од тогаш било сомнително дека некогаш ќе се сними. Така и испаднало - единствено сценариото останува да сведочи за обидот.

„Футлуз“

Да, Чимино почнал да го снима мјузиклот во 1984, сакајќи да го направил во стил на музичка комедија (?) инспирирана од „Плодови на гневот" на Штајнбек, роман кој инаку зборува за последиците на Големата депресија. Откако почнал да се занесува во врска со тоа како треба да изгледа сетот и повторно да троши многу пари, добил отказ, а работата ја завршил Херберт Рос.

„Судбината на човекот"

Базирана врз делото на францускиот автор и некогашен министер за култура Андре Марло од 1933, ова бил еден од последните проекти на Чимино. Тоа требало да биде тричасовна адаптација на романот за раните денови на Кинеската револуција и судбината на неколку Европејци кои живеат во Шангај во текот на трагичните настани поврзани со неа.

Проектот требало да тежи 25 милиони долари и да се снима на локации во Шангај, со тоа што од него да има корист и самата кинеска влада која требала да обезбеди 2 милиони долари вреден локален труд. „Ова е најдоброто време да се сними ова сценарио, затоа што тоа е филм за природата на љубовта, на пријателството, но и на природата на честа и достоинството", изјавил тогаш Чимино. Марта де Лаурентис, која со нејзиниот маж Дино помогнала да се продуцираат „Годината на змејот" и „Очајни часови" на Чимино го прочитала сценариото и го одбила затоа што бил „пренасилен и во крајна линија на тема за која Американците нема да се интересираат".

Филм според роман на Ен Рајнд „Величествениот извор" (The Fountainhead), сценарио кое требало да прерасне во биопик на Џенис Џоплин под наслов „Бисер", епска сага за ирскиот востаник Мајкл Колинс која пропаднала заради временските услови, проблеми со сценариото и - да - буџетот. Интересно е што повеќето од овие замислени а нереализирани филмови се базирани на славни книги. А во 2001 и самиот Чимино го објавил својот прв роман, „Големата Џејн", после што добил титула витез од францускиот министер за култура, како и француската книжевна награда Довил, која претходно ја имале добиено само двајца Американци - Норман Мејлер и Гор Видал.

4 јули 2016 - 10:19