„Инјaн“ (inyeon) e корејски збор кој буквално се преведува како „судбина“, но содржи многу повеќе нијанси на истото. Во 2023 Селин Сонг го стави овој концепт во центарот на својот филм номиниран за Оскар, „Минати животи“. Во него девојка по име Нора се сели од Сеул во Њујорк, се мажи за Aмериканецот Артур, но истовремено никогаш не го заборава својот другар од детство, со кого после многу години се обидува да се поврзе преку социјалните мрежи, а потоа и во живо.
Во една сцена од филмот Нора му го објаснува концептот на „инјан“ на својот сопруг:
„Тоа значи провидение, нешто што било пишано. Но се однесува специфично на врските помеѓу луѓето. Мислам дека доаѓа од будизмот и реинкарнацијата. Инјан е кога двајца странци минуваат еден крај друг на улица и нивните облеки случајно се допираат. Тоа значи дека морало да има нешто помеѓу нив во минатите животи. Кога двајца ќе се земат, тие велат дека тоа се случило поради 8000 слоеви инјан во тек на 8000 животни векови“.
Oва е збор длабоко вкоренет во источните филозофии, и се разликува од западниот концепт на судбина, како нешто врз коешто се нема контрола. Иако ја има сличната тежина, сепак во корејскиот неговото значење варира во зависност од контекстот и може да означува однос помеѓу двајца во текот на нивните животи; кармичка и морална врска; причинско-последична низа на настани итн.
Етимологијата на зборот е тешко да се одреди, но инјан веројатно доаѓа од санскритското hetu-prataya, збор кој означува „причини“ и „услови“. Тој може да се најде во будистички текстови кои датираат уште од вториот век. Веројатно најдобро објаснување на терминот и неговата врска со будизмот е следново - „Јас постојам како единка, но моето постоење не произлегува од индивидуалното себство туку од мрежа на услови: воздух, дожд, моите родители, пријатели, општеството воопшто. Ако постојат минати животи, тогаш спомените од нив се уште, на суптилен начин, влијаат врз начинот на којшто мислам, се однесувам, па дури и зборувам.“