Златната мечка за најдобар филм на Берлинскиот фестивал оваа година отиде кај „Дахомеј“ на француско-сенегaлската режисерка Мати Диоп, која претходно, во 2019, го има добиено Гран при-то во Кан за нејзиниот филм „Атлантикс“.
Станува збор за полу-документарец кој го опишува враќањето на 26 артефакти од Франција во Република Бенин, само мал број од илјадниците изнесени од некогашното кралство Дахомеј од страна на француските колонијални трупи на крајот од 19 век.
Зошто ова е необична одлука на жирито предводено од актерката Лупита Нионго? Затоа што тоа е втор документарец кој се закитува со Златна мечка, со тоа што првиот беше минатата година, „На Адаман“ на францускиот режисер Николас Филибер. Второ, затоа што за време на фестивалот критиката фалеше сосема други филмови. Таков беше „Мојот омилен колач“, оценет како „нежно субверзивно иранско ремек-дело“ или „Случајот со туѓинците“ кој започнува со трагедија која погодува сириско семејство во Алепо, по што се нижат настани кои влијаат врз пет различни семејства во четири земји.
Некои пак од наградените и самите беа изненадени со почеста, како добитникот на Сребрена мечка, Јужно-кореанецот Хонг Сангсу, за „Потребите на еден патник“, негова трета соработка со француската ѕвезда Изабел Ипер. Ова е негова четврта награда по три претходи Сребрени мечки од 2020, 2021 и 2022 година, нешто што некои медиуми го нарекоа „на граница на патолошка фестивалска појава“. „Не знам што виде жирито во филмот“ изјавил режисерот кога ја примал наградата. „Ни ние“ - велат критичарите.
Сите добитници тука