И покрај сите варијации кај поединци, еве неколку наоди кои ја откриваат помрачната и помалку импресивната страна на човечката природа.
На малцинствата и на загрозените гледаме како на помалку од луѓе
Еден пример на ваква дехуманизација доаѓа од истражување на мозочни скенови. Група студенти покажала помала неврална активност поврзана со мислење кога ним им биле прикажувани слики од бездомници или корисници на дрога, во споредба со фотографии на поединци со повисок статус. Други студии покажуваат дека младите имаат тенденција да ги дехуманизираат постарите, а дека мажите и жените подеднакво ги дехуманизираат пијаните жени. Освен тоа, наклонетоста да се дехуманизира почнува да се развива рано - деца на возраст од само пет години ги толкуваат лицата на аутсајдерите од групата како помалку човечни, во споредба со оние кои припаѓаат на нивната група.
Уживаме во сеир почнувајќи од четиригодишна возраст
Ова го вели студија од 2013, додавајќи дека чувството е уште понагласено доколку детето смета дека човекот на кого му се случува нешто лошо си го заслужува тоа.
Повеќе сакаме да се самоповредуваме отколку да бидеме на само со нашите мисли
Ова е демонстрирано во контроверзна студија од 2014 во која 67% мажи и 25% жени одлучиле да си предизвикаат непријатни електрични шокови, наместо да поминат 15 минути во мирна контемплација.
Ограничени сме и догматски настроени
Доколку луѓето во принцип се рационални и со отворени умови, тогаш директниот начин да се корегираат нечии лажни уверувања би било да им се презентираат релевантни факти. Сепак, класичната студија од 1979 го покажува неуспехот на ваквиот пристап - учесниците кои радикално биле за или против смртната казна комплетно ги игнорирале фактите кои оделе контра нивната позиција. Всушност, тие станале уште позакоравени пропоненти на она во што веќе верувале откако им биле презентирани аргументи за спротивното.
Суетни сме и со преголема самодоверба
Нашата ирационалност и догматизам можеби и не би биле толку лоши кога би биле комбинирани со барем малку понизност и интроспекција. Речиси секој од нас има напумпано убедување во врска со сопствените квалитети, како возачки способности, интелигенција и атрактивност. Ваквиот феномен има и име - Ефектот на езерото Вобегон, според фиктивен град каде „сите жени се силни, сите мажи згодни и сите деца надпросечни“. Има уште еден, ефектот на Данинг-Кругер, според кој најмалку образованите и вештите од нас се најсклони кон прекумерна самодоверба (види претходно тука: „Луѓето се преглупи за демократија“)
Фаворизираме неефикасни лидери со психопатски особини
Американскиот психолог Ден МекАдамс неодамна заклучи дека отворената агресија на Трамп има „примална привлечност“ и го претставува како алфа мажјак кој е дизајниран за да малтретира. Ако ова е вистина, тогаш ова би се вклопило во поширока шема, според која психопатолошките особини се во просек позастапени токму кај лидерите, и тоа не само државните, туку и финансиските, деловните и другите.
Сексуално сме привлечени од луѓе со мрачни психолошки карактеристики
Ова некако најмногу нè дојми, ама е логично имајќи го предвид претходното. Ако нè привлекуваат психопатски карактеристики кај нашите лидери, тогаш и не е чудно истото да се случува кога станува збор за сексуални партнери. Станува збор за тн. „мрачна тријада“ особини - нарцисоидност, психопатологија и Макијавелијанизам. Студија покажува дека физичката привлечност на некој маж за жените се зголемувала кога тој бил опишуван како манипулативен, нечувствителен и егоист. Едно од објаснувањата е дека се работи за особини поврзани со самодоверба и подготвеност да се преземат ризици, па дека оттаму тие се толкуваат како пожелни.
Целиот список мрачни човечки особини, со линкови до студиите тука
Ако сметате дека тој не важи за вас направете го овој тест за тоа кој е вашиот коефициент на злоба