Во нов текст објавен во списанието „Нејчр“, Петра Брукнер Хавелкова од одделението за антропологија при Националниот музеј во Прага и нејзините колеги истражуваат скелетни остатоци на луѓе кои по професија биле писари во древен Египет и уживале повисок општествен статус со оглед на својата писменост.
Досегашните истражувања вообичаено се концентрирале на она што тие го правеле односно на нивните текстови, но самите индивидуи се маргинализирани. Оваа студија се обидува да одговори на прашањето дали репетитивните активности и одржувањето на позицијата на телото така за да може седечки да се пишува се поврзани со скелетни промени и можни професионални ризик фактори.
Испитани се вкупно 1767 елементи од остатоци на 69 возрасни мажи со добро дефиниран социјален статус од некрополата Абусир. Статистички значајни разлики помеѓу писарите и друга не-писарска група укажала на повисока појава на промени во скелетната структура на првите, и тоа од глава до петици (слика горе).
Така, џвакањето на четките и наведнувањето на главата за да може да пишуваат им предизвикувало артрит на вилицата. Промени во 'рбетот се должат на наведнување врз папирусите во тек на повеќе часови во денот. Воспаление на зглобовите имале и во десното рамо, а поради целодневното седење со прекрстени нозе или клечење, најчесто на левата нога со клечење на десната, развивале и артритис на десните колена и и десните зглобови.
Иако некои од дегенеративните промени се должат на возраста, сепак дистрибуцијата на поединците кои ги имале истите не натежнувала премногу кон оние повозрасните. Едноставно се работи за професионални деформации, какви што и денес имаат оние кои се секојдневно пред компјутер, без оглед дали им е тоа професија или не. Додуша сега барем не мора да клечиме и со една рака да внесуваме хиероглифи - артритисот може да ни биде на двете шаки и на сите прсти истовремено.