„Она што ме повлече кон православието е неговата структура, автентичноста, историјата и понуденото водство“, вели извесен Метју Рајан, поранешен атеист и наставник по природни науки, кој преминал во православие откако почнал да следи јутјуб канали на оваа тема. Ова коинцидирало со пандемијата, кога многумина како него побарале утеха и насоки токму во оваа црква.
Согласно анкета спроведена во 2023, православните цркви во 15 американски држави забележале 80% зголемување на бројот на конвертити во 2022, споредено со предпандемиските бројки од 2019. Од нив, 60% се мажи, споредено со 54% во 2019, a пак од нив доминира групата од околу 20-годишна возраст.
Голем број од нив велат дека биле привлечени од „мажествената“ природа на црквата, спротивно на другите верски деноминации (на пример за САД потрадиционалното протестантство), кое е оценето како „феминизирано“ и пре „меко“. Православието според нив од верникот бара поголема дисциплина, пост, воздржување, стоење за време на богослужбата и почитување на авторитет. Не е реткост новопронајдените православци да постираат фотографии од себеси на Инстаграм, како креваат тегови со тетоважи на византиски крстови илустрирајќи ги со цитати од Светото писмо. Особено се популарни наративите за мачеништвото и прогонуваните светци, кои се земаат како пример за издржливост и истрајност.
Феноменот се нарекува „мускулесто христијанство“, иако воопшто не е нов. Тоа било религиско движење во Англија од средината на 19 век, кое се карактеризирало со верување во патриотска должност, саможртва, дисциплина и мажествена атлетска убавина, а од таму се пренело и во Северна Америка. Неговата современа форма знае да повлече со себе и „проблематични идеолошки прашања“, како мизогинија или анти-ЛЏБТ ставови. Не дека на Балканот не знаеме што значи тоа, но следењето на истатата појава во нетрадиционални контексти ја прави многу поинтересна, бидејќи укажува на можна криза на идентитетот токму кај оваа група млади луѓе.