Најкраткиот академски текст на сите времиња

Повеќе од 40 години стар стручен текст, на чија краткост тешко дека некој наскоро ќе ѝ конкурира. Што е најважно, дури и таков тој има многу смисла.

До сега најкратката докторска теза за која имавме слушнато е онаа на математичарот Џон Неш (портретиран во „Прекрасен ум“), добитник на Нобел за економија. Кога ја одбранил на Универзитетот Принстон во 1950, дисертацијата имала само 26 страници. И уште понеобично, на крајот наведувала само две библиографски единици. Едната под наслов „Теорија на игри и економско однесување“ од 1944, која всушност ги поставила основите на областа за која станува збор, а вториот цитиран текст е на самиот Неш.

Но убедливо најкратката стручна статија се појавила пред повеќе од четириесет години, од 1974, во есенското издание (не на 1 април) на Списанието за применети анализи на однесувањето (Journal of Applied Behavior Analyses), под наслов „Неуспешен самотретман на случај на писателска блокада“ од Денис Апер. Главниот текст во него изнесувал точно нула зборови. Добро, има една фуснота која вели дека „делови од текстот не биле презентирани на 81-вата конвенција на Американската психолошка асоцијација“, а содржи и коментари на рецензентот:

„Добро го проучив ракописот, со сок од лимон и рентгенски зраци, и не детектирав ниту една единствена грешка ниту во стилот ниту во податоците. Сугерирам да биде објавен без ревизии. Јасно е дека ова е најконцизниот ракопис кој некогаш сум го прочитал - па сепак содржи доволно детали за да им овозможи на други истражувачи да го реплицираат неуспехот на д-р Апер“.

Со писателската блокада, односно со „стравот од празната страница“ се соочува секој писател со макар ронка свест дека не му е секој збор алтан. Па оттаму и реално коректните „наоди“ на истражувањето, кои прецизно ја отсликуваат ваквата состојба.

25 јануари 2018 - 15:07