Во интервјуата на 52-годишниот Француз Стефан Брајтвајзер, кого го нарекуваат „најголемиот крадец на уметнички дела на сите времиња“, се провлекува една иста нишка - дека ништо од сето она што го гледаме во филмовите на оваа тема не е вистина. Во музеите и галериите не се влегува како Спајдермен, нема чадни бомби ниту лажно или вистинско оружје. Насилството и уништувањето на предмети во музеј само ги намалуваат шансите за успешна кражба. Криминалот во оваа област е најдобар кога никој не знае дека се случува.
Човекот знае што зборува, затоа што има украдено околу 300 дела од музеи, галерии и катедрали низ Европа, чија проценета вредност е околу две милијарди долари. Притоа,тој никогаш немал потреба со сила да отвори влезна врата, ниту да се провлекува низ тесен отвор од прозорец, а уште помалку да виси на јаже од плафон. Всушност, никогаш не влегол во музеј кога тој бил затворен. Во идеални околности, пристигнувал на локација во текот на ручекот, кога нема многу посетители а обезбедувањето ротира на пауза. Сепак, потребен му бил асистент од доверба. Партнерот на Брајтвајзер била неговата долгогодишна девојка, Ан-Катрин Клајнклаус. Обајцата се облекувале така за да се втопат помеѓу туристите, но со еден број поголема облека, која е најсоодветна на дождливо време кога може да се носи широка кабаница или мантил.
Единствен неопходен алат е швајцарско ноже. И пари за чесно купен билет на шалтерот, во готовина. Особено во помалите институции има сали со единствен влез, без безбедносна камера или постојано присутен чувар. Што се однесува до самото дело, треба да се одбере некое помало, за скулптура во големина на цигла, за слика не поголема од кутија за пица. Најважно, делото мора да ве бендисува, односно да ги задоволува вашите естетски критериуми. Преземањето ризик за премет кој не ви се допаѓа, вели Брајтвајзер, е „одлика на будала“.
Следи хируршки зафат на отстранување на силиконското лепило и потоа на панелот кој го штити делото. Ако партнерката се накашла, значи дека акцијата привремено треба да се прекине. Не смее да се минува сомнително долго време во една просторија - 15 минути е максимум. Убавината на резот на силиконот е што овозможува панелот да се отвори доволно за да се протне рака во рамката. Откако ќе се извлече делото, тоа се става под мантилот или во широки пантолани. Сето ова мора да се направи многу внимателно за да не се оштети. Откако ќе се излезе од музејот не смее да се трча или да се покаже нервоза дури и ако се слушаат полициски сирени. За целиот овој список да функционира совршено, Брајтвајзер дури и работел како музејски чувар, евидентирајќи ги протоколите и слабите места на музеите.
Но најинтересното во сето ова е неговата мотивација - не препродавање, не слава или пари. Само задоволството од тоа да се поседуваат некои од ремек-делата на европската уметност, кои тој многу добро ги познавал. Толку добро, што кога го фатиле и суделе, тој го прекинувал обвинителот додека го читал списокот на украдени дела, корегирајќи го и дополнувајќи го. Сите ги чувал во својата спална соба во куќата на мајка му во Мулхаус, Франција, која била затемнета за сонцето да не ги избледи сликите. Локален фармер кој му ги врамувал не ја препознал нивната вредност. Неговата мајка пак мислела дека делата биле купени на аукција, и дури доцна во приказната сфатила дека не се.
Во ноември 2001 Брајтвајзер украл мала труба од 1584, една од само три исти какви што постојат во светот, од музејот на Рихард Вагнер во Луцерн. Иако чуварот го забележал, успеал да избега. Заслужен за негово апсење е новинарот Ерих Ајснер кој два дена подоцна си го шетал кучето близу музејот кога забележал човек кој упорно ја набљудува зградата. Го пријавил, а чуварот го препознал крадецот кој претходно му се измолкнал. Полицијата на Луцерн во знак на благодарност го наградил Ајснер со доживотна залиха на храна за неговото куче.
За разлика од Стефан кој никогаш не би уништил уметничко дело, мајката размислувала поинаку - кога слушнала за неговото апсење почнала да ги уништува сликите, вазните, скулптурите и накитот фрлајќи ги во канал или во отпад. Изјавила дека ги уништувала вредните предмети како знак на гнев кон синот и дека не била свесна за нивната голема вредност. Судењето се одржало на 6 јануари 2006, по неуспешен обид на Братјвазер да се обеси. Тој е осуден на три години затвор но отслужил само 26 месеци. Мајка му добила три години а отслужила само 18 месеци. Девојката добила 18 а отслужила шест.
Брајтвајзер напишал автобиографија за своите потфати под наслов „Исповеди на еден крадец на уметнички дела“ објавена во 2006. Како што стојат работите, ништо чудно наскоро да гледаме филм за него.