„Континуирана музика“ со 19,5 ноти во секунда

Најбрзиот пијанист на светот

Неговите композиции траат и по три часа, а ги свири на памет, со неверојатна брзина. Тврди и дека еднаш заспал на пијаното, но неговите прсти продолжиле да се движат. Откачен и по малку арогантен, тој е сепак млазен авион во светот на пијанистите.

Украинецот Љубомир Мелник тврди дека може да произведе 19,5 ноти со секоја рака во секунда. Она што се добива со ваквото свирење тој го нарекува „континуирана музика". „Ако концертниот пијанист е како авион со елиса, пијанистот што свири како мене е како млазен авион. Тоа е огромна разлика", изјавил Мелник (65) кој тврди дека со пијаното ништо ново се нема случено во тек на 200 години, односно дека она што го правел Скарлати на почетокот на осумнаесетиот век, го правеле и Рахмањинов и Прокофјев на почетокот на дваесетиот. Секако, сè додека не дошло ред на неговиот начин на интерпретирање и третман на инструментот.

Класичните пијанисти често се избезумени од страв пред концерт, затоа што секоја нота треба да биде на своето место. Но Мелник вели дека тоа не е проблем за него, бидејќи свирејќи тој едноставно живее со пијаното. „Сè што слушам и што искусувам додека свирам е музиката, звукот, пијаното. Едвај сум свесен, умот ми работи сто на саат и само летам низ пејсажот. Тоа е повеќе од нирвана". Тој често запаѓа во транс, особено кога ги изведува неговите долги композиции, кои знаат да траат и по три часа, целосно напамет. Тврди дека еднаш дури и заспал свирејќи, а прстите сепак продолжиле да му се движат.

На неговиот официјален сајт, на кој можат да се најдат и нотни записи од неговите композиции, нескромно пишува: „Прво беше Франц Лист, потоа дојде Љубомир". Во видеово тој ја објаснува неговата техника, која ја споредува со онаа на кунг-фу мајсторите. Погледнете:

21 ноември 2014 - 17:03