На 100-годишнината од смртта на Карузо: прво видео во кое се синхронизирани неговиот глас и лик

„Мојот братучед“ е нем филм од 1918 во кој глуми славниот италијански тенор. Но сега, еден век по неговата смрт, тој со помош на современата технологија е синхронизиран со звук, со што прв пат се добива аудио-визуелен документ за тоа како изгледал и звучел Карузо.

Кратката содржина на „Мојот братучед“ од 1918 е следна: Томасо (го игра Карузо), сиромашен уметник кој заработува со правење гипсани модели, се фали дека е братучед на Кароли (кого го игра исто така Карузо), големиот тенор, на кого и многу личи. Тој е заљубен во Роза, но таа кога дознава дека ја лаже му се лути и го напушта. Одлучен да ја врати, тој оди кај Кароли и му се исповеда. Овој го посетува во студиото глумејќи братучед и му нарачува биста. Со негов благослов, Роса и Томасо се земаат.

Кинотеката на Болоња сега, на 100-годишнината од смртта на Карузо, реставрираше дел од филмот, поврзувајќи го гласот на славниот оперски пејач со неговиот лик. Ова било и единствената можност за ваков проект, бидејќи „Мојот братучед“ е единствениот сочуван филм во кој се појавува Карузо.

Во филмот тој ја пее славната арија „Облечи го костимот“ (Vesti la giubba) од операта Палјачи на Руџеро Леонкавало. Во негово време, плочата на која Карузо ја пее се продала во 1 милион копии низ светот.

Карузо според многумина е првата медиумска ѕвезда. Во необична паралела со модернтие времиња, оригиналното издавање на „Мојот братучед“ било одложено поради пандемија на шпански грип.

6 август 2021 - 09:42