На 29 март се пронесе веста дека починал Кжиштоф Пендерецки, авангардниот композитор, автор на четири опери, осум симфонии, голем број концерти и хорски изведби, главно на религиски теми, на кои се посветил бунтувајќи се против односот на државата кон религијата во времето на комунизмот.
Но неговата музика е често користена на филм, и тоа во напнати трилери и хорори, како звучна илустрација на страшни и вознемирувачки предели на имагинацијата, или музичка манифестација на потсвесното. Ова особено важи за неговите рани ремек-дела, кои им послужиле на режисери како Кјубрик и Линч да го нагласат шокот и ужасот во нивните филмови.
Така, делото Полиморфија од неговата подолга композиција „Тажаленка за жртвите од Хирошима“ од 1961, се користи во „Сјаење“, „Истерувач на ѓаволот“ и „Бестрашен“ на Питер Вир. Непредвидливоста на оваа музика, вртлозите од звуци и неочекувани тишини одлично се вклопиле во новите начини на монтирање и филмските техники од 1960-тите и 1970-тите, а се извор на инспирација и денес. Дејвид Линч, кој користел музика на Пендерецки и за „Диви во срцето“ има изјавено дека таа му овозможила креативна алхемија на звукот и сликата во неговите филмови.
Пендерецки настапи со Македонската филхармонија на Охридско лето во 2013, кога низ целиот свет се реализираа концерти по повод 80 години од неговото раѓање.
Извадок од „Сјаење“ на Кјубрик, сцената кога главниот лик, Џек Торанс (го игра Џек Николсон) умира, со звуците на Пендерецки.