Вообичаената брзина на читање е 250-300 зборови во минута и две минути по страница. Но според Претседателската библиотека и музеј на ЏФК, поранешниот претседател на САД читал дури 1200 зборови во минута, што значи четири пати повеќе од просекот.
Иако брзината не значи автоматски и целосно разбирање на прочитаното, неговиот список омилени дела вклучуваат такви кои сигурно со мерак и со внимание ги „чешлал“. Меѓу нив големи историски томови како „Џон Квинси Адамс и темелите на американската надворешна политика“ од Семјуел Флег Бемис (1949), но и трилери од типот на „Од Русија со љубов“ (1957) на Јан Флеминг, креаторот на ликот на Џејмс Бонд.
Читањето на Кенеди не му било само потреба или навика, туку нешто како опсесија. Неговата сопруга Џеклин Кенеди Оназис тврдела дека тој читал на многу необични начини - додека пешачел, додека јадел на трпеза, по вечерата, во када. „Читаше во сите оние моменти во кои вие мислите дека немате време да читате. Дури и кога возеше.“
Најзначајна улога во неговите читачки навики имала мајка му, Роуз. Таа составувала списоци со лектири за сите свои девет деца, но само ЏФК се придржувал до нив. Како дете најмногу ја сакал „Книгата за џунглата“ на Киплинг, „Островот со богатство“ на Роберт Луис Стивенсон, како и „Колибата на чичко Том“ на Бичер Стоув. Бил болежливо дете, дијагностициран со Адисонова болест - хормонално нарушување кое може да биде животно загрозувачко - па читањето му било начин да го помине времето.
Но кога веќе немал толку време за читање, односно кога почнал да се занимава со политика, тој барал начин како да чита количински исто, но побрзо. Веднаш штом бил избран за сенатор на Масачусетс во 1953, поминал низ курс за брзо читање. Неколку години подоцна ја објавил „Профили на храброст“, книга која ги опишува животите на осум американски сенатори, за која во 1957 ја добил Пулицеровата награда.